Бројни се пропустите во целата постапка уште пред склучувањето на договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д во Македонија. Поради тоа неопходно е државата да го заштити системот на носење одлуки со што ќе се заштити јавниот интерес и ќе се намали можноста за евентуални коруптивни дејства, укажа Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас цивилис – Скопје“ на презентацијата на анализата „Интегритет на носење одлуки: системски пропусти во случајот Бехтел Енка“.
Лобирањето за овој проект од страна на компанијата не било пријавено според одредбите од Законот за лобирање, па тоа се посочува како почеток на пропустите што следуваат и се редат понатаму. Според тоа законско решение и Владата и компанијата имале обврска да пријават лобист. Всушност, во целата постапка е оневозможен системот на контрола на интегритетот на носењето одлуки. Систем, дефиниран за да ги анулира приватните интереси кои би имале влијание во носењето на вакви одлуки.
„Не е извршена ниту проценка на влијание на регулативата што треба да важи за секој закон. За законот што се однесува на изградбата на коридорите од „Бехтел и Енка“ таква проценка не е направена, а е законски задолжителна. Ова подразбираше изработка на бројни анализи за влијанието на овој закон на други законски измени. Прекршени се деловниците и во Владата и во Собранието. Заштитниот механизам за контрола при носењето на вакви одлуки едноставно никој не го покрена. Злоупотребено е европското знаменце при носењето на овој закон. Во тоа се вклучи и претседателот на државата кој без никаква резерва го потпиша законот, а можеше врз основа на сите овие претходни прекршоци да не го потпише указот“, вели Поповиќ.
Оттаму, и повикот до судската власт поажурно да работи, односно да не отвора постапки откако договорите веќе се склучени.