ПОВЕЌЕ

    Кои се правата на патниците и колкава компензација следува за откажан лет?

    Време зa читање: 6 минути

    Речиси 2.000 летови од главните европски аеродроми беа откажани само за последнава недела. Откажувањата и одложувањата на летовите, како и повеќечасовните редици веќе станаа неизбежен дел од летните патувања низ Европа. Зад голем дел од нарушувањето стојат огромните загуби на работни места и намалувањата на платите за време на пандемијата. Но, не само патниците се погодени од недостигот на персонал, туку и самите вработени во авиосообраќајот, поради што синдикатите низ индустријата повикуваат на штрајкови поради лошите работни услови.

    Илјадници пилоти, кабински екипаж, ракувачи со багаж и други работници во воздухопловната индустрија беа отпуштени за време на пандемијата, а сега нема доволно од нив за да се справат со враќањето на патувањето. Летово се најавени десетина штрајкови на летачките посади, на особјето на цела низа носечки и мали авиокомпании од стариот континент, како и на вработените на самите аеродроми.

    Во овие вонредни услови, за кои, според сегашните состојби речиси низ цела Европа нема надеж дека во скоро време ќе се надминат, огромен број на патници кои патуваат преку или транзитираат низ аеродромите во Европа се соочени со реален проблем на загубени летови, одложени патувања и приватни или деловни обврски и со повеќечасовно малтретирање во исчекување на летот. Еве што вели домашната и меѓународната регулатива, која ги уредува правата на патниците во авиосообраќајот:

    ШТО ВЕЛИ ДОМАШНИОТ РЕГУЛАТОР

    „Доколку вашиот лет е откажан, без разлика на тоа кога сте биле информирани за откажувањето, вашиот авиопревозник треба да ви понуди една од следните опции: пренасочување најблиску до оригиналното време за полетување, пренасочување на подоцнежен датум или надомест на трошоците на билетот кој не е искористен“, стои во упатството за корисниците на авионските летови на страницата на Агенцијата за цивилно воздухопловство на РСМ. „Запомнете дека, доколку изберете да бидете пренасочени во најкус можен рок авиопревозникот е должен да ви овозможи право на згрижување додека го чекате вашиот алтернативен лет“, се вели натаму во насоките на АЦВРСМ.

    Во „правото на згрижување“ влегува оброк и пијалоци за освежување (во разумен сооднос со времето на чекање), хотелско сместување (кога преноќувањето станало неопходно), транспорт помеѓу аеродромот и хотелот (кога за тоа има потреба), како и два телефонски повика, односно користење на /факс/е-маил.

    АЦВРСМ ги советува патниците дека, доколку авиопревозникот не го обезбеди правото на згрижување, поради што патникот е принуден да го плати во сопствен аранжман, треба да се зачуваат сите сметки бидејки следува надомест на разумно направените трошоци.

    Останати права на патниците во авио-сообраќајот варираат во зависност од тоа кога патникот бил информирани за откажувањето на летот. Па така, доколку добил известување за откажување на летот во период помал од 7 дена од денот на планираниот лет, и ја избрал првата опција, односно пренасочување во најблиското време на полетување, откако добил пренасочување на лет кој поаѓа не подоцна од 1 час пред времето на полетување на оригиналниот лет и пристигнува не подоцна од 2 часа од времето на пристигнување на оригиналниот лет, патникот нема право на надомест од страна на авиопревозникот.

    Меѓутоа, доколку била избрана првата опција, а патникот добил пренасочување надвор од горе-наведените временски рамки, тој има право на надомест од страна на неговиот авиопревозник, освен во случаите каде авиопревозникот може да докаже дека откажувањето на летот било предизвикано од вонредни околности кои не можеле да се избегнат иако се презеле сите разумни мерки.

    КОИ СЕ ПРАВАТА НА ПАТНИЦИТЕ НА КОИ ИМ Е ОТКАЖАН ЛЕТОТ?

    Доколку патникот добил известување за откажување на летот во период помеѓу 7 дена и две недели од денот на планираниот лет, и ја одбрал опцијата за пренасочување на друг лет, кој поаѓа не подоцна од 2 часа пред времето на поаѓање на оригиналниот лет и пристигнува не подоцна од 4 часа од времето на пристигнување на оригиналниот лет, тогаш патникот нема право на надомест од страна на авиопревозникот.Компензацијата му следи само ако пренасочувањето на друг лет излегува од претходно наведените временски рамки и ако пролонгирањето на компензирачкиот лет бил предизвикан од вонредни околности.

    Доколку патникот добие известување за откажувањето на летот во период подолг од 2 недели од денот на планираниот лет, тој нема право на надомест од страна на вашиот авиопревозник. „Запомнете дека во ситуациите каде во еден град или регион има повеќе аеродроми и вашиот авиопревозник ви понуди да ве пренасочи на различен аеродром, авиопревозникот е дожен да ги сноси трошоците за вашиот транспорт од алтернативниот аеродром до оригиналниот аеродром (или на друга дестинација во близина, по претходен договор со вас)“, се вели во упатството наведено на веб-страната на АЦВРСМ.

    Износот на компензацијата која се исплаќа зависи од растојанието на летот. Доколку летот е класифициран како краток превоз, износот кој се исплаќа е 250 евра по патник. За превоз со средно времетраење, износот кој се исплаќа е 400 евра по патник, додека за долг превоз, износот кој се исплаќа е 600 евра по патник. Овие права се темелат на европската регулатива.

    ЕВЕ ШТО ВЕЛИ ЕУ РЕГУЛАТИВАТА ЗА ПРАВАТА НА ПАТНИЦИТЕ ВО ЕУ

    Регулативата на ЕУ е во сила за да ги заштити патниците од непријатностите предизвикани од долгото време на чекање или откажувањето на летовите, што авиокомпанијата имаше моќ да ги спречи. Европарламентот во 2004 година донесе Регулатива (ЕЗ) бр. 261/2004 со која се воспоставуваат заеднички правила за компензација и помош на патниците во случај на одбиено качување и откажување или долго доцнење на летовите. Регулативата им обезбедува на патниците заштита од нарушување на патувањето, а исто така служи како поттик за авиокомпаниите да одржуваат поточно работење. Овие права важат и за патниците кои патуваат на пакет одмор.

    Регулативата на ЕУ 261/2004 е наменета е за патници кои страдаат од одложени или откажани летови, пререзервации или одбиени да влезат во авион. Во зависност од околностите и под одредени услови, тоа може да доведе до барање за компензација од 250 до 600 евра по лице.

    Таа обезбедува помош и пристап до основните услуги во случај на откажани или одложени летови за неколку часа. Нуди право да побарате место за друг лет или да се повлечете од закажаниот лет доколку истиот е откажан или одложен за повеќе од 5 часа. Ги обврзува авиокомпаниите да ги информираат своите патници за доцнењата и откажувањата на летовите и нивните права.

    Регулативата се однесува на летови кои поаѓаат од аеродром во ЕУ и на летови кои слетуваат на аеродром во ЕУ доколку оперативната авиокомпанија е со седиште во ЕУ. Кога летовите се откажани, патниците може да побараат замена за превоз или пререзервација, во спротивно авиокомпанијата мора да ги надомести трошоците за билети за откажаните летови. Во принцип, авиокомпаниите имаат 7 дена да ја вратат цената на билетот што може да се направи во готово, со банкарски трансфер, чек или во форма на ваучер.

    Дополнителните трошоци за резервации на седишта, оброци во летот или багаж се вклучени во цената на летот. Ако летот е откажан, авиокомпаниите исто така мора да ги надоместат овие трошоци заедно со цената на билетот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично