ПОВЕЌЕ

    За прв пат објавен „Прирачник за финансиска писменост“ за едукација на младите

    Време зa читање: 3 минути

    Бројни истражувања покажуваат дека на младите им е потребна поголема финансиска писменост. Особено во кризни и турбулентни времиња, знаењата и вештините поврзани со финансиите се од клучна важност за нашето секојдневно живеење. Имено, финансиската писменост на возрасните кај нас изнесува 56% од максимумот што е значително пониско во споредба со возрасните од Европската Унија и земјите од ОЕЦД. Дополнително, анкетите покажуваат и дека младите во голем дел сметаат дека имаат делумно знаење и чувствуваат потреба од повеќе информации од ваков карактер.

    Затоа членовите на организацијата Глобал Шејперс Скопје Хаб – шејпери одлучија да преземат акција и повеќе од три години работат на полето на зголемување на нивото на финансиска писменост помеѓу младите преку проектот „Финансиска писменост за млади“.

    Тие преку различни активности и канали на дисеминација на информации, работилници, вебинари, обуки, кампањи за подигнување на свеста, соработка со релевантни партнери и учење преку позитивни примери го доближуваат светот на финансиите до пошироката публика и веќе имаат вклучено над 200 млади во своите активности. Проектот е насочен кон младите на локално, но и на национално ниво за подобрување на нивните вештини за правилно управување со финансиите што ќе влијае на нивна финансиска самостојност и самодоверба и генерално на позитивна економска состојба во целата држава.

    Една од најновите активности на младите шејпери е објавувањето на новиот едукативен и практичен „Прирачник за финансиска писменост“ кој претставува спој на основни теоретски постулати за финансиите како и практични примери, искуства и совети. Овој прирачник е прв од ваков тип кај нас бидејќи обединува повеќе современи финансиски теми за кои ретко се пишува и младите често овие информации ги бараат од странски извори кои не се релевантни за домашниот контекст. Дополнително, во изработка е и албанска верзија на прирачникот и истиот ќе биде прв едукативен материјал за финансиска писменост на албански јазик објавен во државава.

    Прирачникот за финансиска писменост е бесплатен образовен материјал со содржини за основно и понапредно познавање на светот на финансиите распространети на над педесет страници. Водени од мисијата да го зголемат нивото на финансиска писменост кај младите и да придонесат кон Целта за одржлив развој 4 – Квалитетно образование, шејперите го изработија овој прирачник за да ги поттикнат младите да размислуваат за своите финансиски средства и да научат за: 1) финансиска писменост, 2) лични финансии и буџетирање, 3) финансиски системи, 4) производи на комерцијалните банки, 5) инвестирање и осигурување (индивидуален приод), 6) корпоративни финансии и финансиски извештаи, 7) управување со готовина и стратегии за готовина во услови на криза, 8) одржливи финансии за одржлив развој и справување со климатските промени.

    Имено, финансиска писменост претставува разбирање на финансиските концепти, финансиските ризици, како и поседување на вештини, мотивација и самодоверба за примена на ова знаење во пракса. Носењето ефективни одлуки и разбирањето на финансиските концепти се важни како за унапредувањето на финансиската благосостојба на поединците, така и за унапредување на општествено-економскиот развој.

    Глобал Шејперс Скопје Хаб е дел од светската заедница на Глобал Шејперс, иницијатива на Светскиот економски форум (World Economic Forum). Глобал Шејперс Скопје Хаб е организација предводена од млади која се фокусира на поттикнување на младите да бидат „обликувачи“ на позитивни промени во своите заедници кои наоѓаат решенија за проблеми со кои се соочуваат преку заедничка соработка со останатите локални чинители.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично