ПОВЕЌЕ

    СО 60 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗОТ НА ВИНО – Државата на 13. место во светот по девизниот прилив

    Време зa читање: 2 минути

    Девизниот прилив од извозот на вино ја рангира Македонија на 13-та позиција во светот, што произлегува од податоците на World Top Export. Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при посетата на винаријата „Камник“.

    „Ова се одлични резултати за мала земја како нашата, која се натпреварува со далеку поголеми држави. Во 2022 година сме оствариле девизен прилив во вредност од скоро 60 милиони евра. Нашата анализа покажа дека низ годините наназад сме успеале да го одржиме производството и површините со лозови насади, а притоа да ја зголемиме вредноста на извезеното вино“, посочи министерот.

    Воедно ги наведе примерите, според кои, во 2021 и 2022 била извезена речиси иста количина вино. Но, во 2021 девизниот прилив бил околу 50 милиони евра, а во 2022 околу 60 милиони евра.

    „Значи, десет милиони евра повеќе за една година. Ова се должи на зголемениот квалитет на виното и зголемениот извоз на вино во шишиња, како и на многуте нови брендови кои ги освојуваат странските пазари. И во тој правец треба да продолжиме, да го зголемуваме квалиетот на произведено винско грозје за да имаме уште поквалитетни вина”, изјави министерот Николовски.

    Како што нагласи, македонското вино е најдобриот промотер на нашата земја, најгласниот и најдиректниот маркетинг.

    „Јасно и силно го рефлектира успехот на нашата стратегијата, со што винскиот сектор доживеа револуционерен развој. Ние денеска зборуваме за над 200 винарии, а само пред неколку години беа триесеттина“, рече тој, акцентирајќи дека годинава ќе се донесе нова десетгодишна стратегија за уште поголем развој на овој сектор и искористување на целосниот потенцијал. Исто така, чекува и да се изгласа новиот закон за вино, кој е целосно усогласен со директивите на ЕУ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично