Ангеловска: Со мерката за субвенционирање на покачување плата 114.000 вработени добија повисока плата

Датум на објава: 20.01.2020

Во декември, благодарение на мерката за субвенционирање на придонеси за покачување на плати, 114.000 вработени добиле повисоки плати. Во ноември околу 8.200 фирми аплицирале за мерката, додека во декември дури три пати повеќе или 22.600 фирми, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференцијата одржана денес во Владата на Република Северна Македонија.

-Благодарение на мерката за субвенционирање на придонеси на фирмите кои ќе ја покачат платата на вработени до 6.000 денари, 8.200 фирми во ноември им ја покачиле платата на 47.200 вработени, додека во декември 22.600 фирми ја искористиле мерката за да им ја покачат платата на 114.000 вработени. За покачување на платите на овие лица се субвенционираат со 256,5 милиони денари. На овој начин, освен што се излегува во пресрет на вработените, кои добиваат повисока плата, им се излегува во пресрет и на работодавците за да задржат квалитетни кадри, а воедно и се полни пензискиот фонд – рече Ангеловска.

Таа посочи дека буџетот е во добра кондиција а дека сите расходи се сервисираат редовно. Од следниот месец пензионерите ќе добијат повисока пензија за 700 денари со исплатата на јануарската пензија, а со редовното усогласување пензионерите ќе добијат уште 160 до 200 денари, што значи дека во 2020 година, пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Следниот месец ќе се исплатат и повисоки плати за 10% на околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции. Во март, пак, ќе се исплатат повисоки плати во здравството и тоа: платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25%, додека пак на медицинските сестри за 10%, рече Ангеловска.


Тагови: Министерство за финансии, просечна плата,

Facebook профил: pari.com.mk

Инстаграм профил: pari.com.mk

@pari.com.mk

© Преземањето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот pari.com.mk е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со pari.com.mk, е строго забрането.


Сподели: