Новото задолжување од 260 милиони евра, само поради каматите, ќе повлече дополнителен товар за државата од 61 до 67 милиони евра, предупреди пратеникот Фатмир Битиќи. Пресметките ги заснова на актуелниот 6-месечен Еурибор од 2,562 насто и договорената маржа од 2,10 процентни поени и како што вели, овој заем во моментот би чинел околу 4,66 насто годишно.
Во зависност од конечниот распоред на отплата, државата би платила приближно меѓу 58 и 64 милиони евра само за камати, а со еднократниот надомест од 3,64 милиони евра, директниот финансиски товар се движи од 61 до 67 милиони евра, без дополнителните агенциски и други трошоци. Тоа значи дека реално заемот ќе ја чини државата приближно меѓу 321,6 и 327,6 милиони евра, дециден е Битиќи.
Можноста да се земе заем од меѓународни банки и јавниот долг што се приближува до 11 милијарди евра отворија жестока расправа во Собранието, но во фокусот на пратениците се најде и отсуството на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На денешната 102. седница пратениците расправаат за Фискалната стратегија и за законското решение со кое државата треба да се задолжи за нови 260 милиони евра со кои би ги сервисирала буџетските потреби. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, реагираше дека за најважните финансиски теми во државата повторно ја нема министерката.
„Сѐ ви е по план, а сѐ се носи по брза постапка“, рече Спасовски, посочувајќи дека лесно е преку Фејсбук да се повикува на дебата, а да се избегне собраниската говорница.
Од власта возвратија дека министерката е на однапред планирана службена посета во Словенија. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, објасни дека Димитриеска-Кочоска како претседател на Управниот одбор на ЦЕФ има официјални средби поврзани со организацијата.
Во нејзино отсуство, Фискалната стратегија ја образложуваше заменик-министерот Николче Јанкуловски, кој уверува дека Владата спроведува постепена фискална консолидација без економски шокови и дека јавните финансии ќе се движат во рамки на „реални и одржливи можности“.
Најострите критики дојдоа од пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој предупреди дека државата практично го институционализира дефицитот.
Според него, стратегијата не ги почитува фискалните правила бидејќи буџетскиот дефицит и годинава и следната останува на 3,5 проценти од БДП, над законски предвиденото ниво од 3 проценти.
„Стратегијата ја потврдува и легитимира фискалната недисциплина“, рече Битиќи.
Тој алармираше и за динамиката на трошењето. Според неговите бројки, буџетските приходи досега се реализирани со 36,12 проценти од планот, а расходите со речиси 40 проценти, што значи дека веќе се потрошени околу 77 проценти од годишно планираниот дефицит.
Особено загрижувачки, според Битиќи, е растот на трошоците за камати. Тој пресмета дека државата во периодот од 2026 до 2030 година ќе плати околу 2,74 милијарди евра само за сервисирање на камати.
Аналитика








