ПОВЕЌЕ

    За користење на загадената водата следуваат казни – АХВ со засилени контроли во Гостивар

    Време зa читање: 3 минути

    Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е безбедна, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.

    Тој информираше дека при вонредните контроли во водоснабдителниот систем во Вруток биле утврдени сериозни неправилности. Според него, во водоводната мрежа биле поставени пумпи без одобрение, преку кои директно се внесувала вода од површински извор во системот за водоснабдување.

    „Во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, се поставени пумпи кои директно вбризгувале вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем“, изјави Миланов.

    Тој посочи дека контролите продолжуваат, а инспекциските екипи на АХВ се на терен со цел да се утврдат причините за контаминацијата, степенот на загадување и евентуалните пропусти кај одговорните субјекти.

    „Нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан. Ќе преземеме соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и отстранување на причините кои довеле до оваа состојба“, рече директорот на АХВ.

    За утврдување на безбедноста на водата, Институтот за јавно здравје земал примероци од повеќе точки – резервоарот, каптажата, површинска вода и јавни чешми. Дополнително, инспекторите на АХВ земале мостри од јавни установи, градинки, болница и угостителски објекти кои ја користат водата од гостиварскиот систем.

    Миланов нагласи дека операторите со храна мора да обезбедат безбедна вода од други извори и предупреди дека користењето на водата од водоводниот систем за подготовка на храна и пијалаци ќе биде санкционирано доколку се утврдат прекршувања.

    „Апелираме до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на здравствените институции и локалните власти сè до добивањето на конечните лабораториски резултати и целосното нормализирање на состојбата“, додаде Миланов.

    Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оцени дека станува збор за сериозен инцидент кој го загрозил јавното здравје и побара целосно утврдување на фактите и одговорноста.

    „Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста“, порача Хоџа.

    Тој посочи дека одржувањето на водоводните системи и обезбедувањето безбедно снабдување со вода се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија, додека контролата на квалитетот на водата е обврска на надлежните здравствени институции.

    „Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори“, рече Хоџа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично