ПОВЕЌЕ

    Водата не се користи, но се продавала расипана храна – АХВ подели казни и забрани во Гостивар

    Време зa читање: 2 минути

    Забраната за користење на водата во Гостивар се почитува. Но, во промет е пронајдена расипана храна, а и хигиената кај одделни оператори била под потребното ниво. Од вонредната проверка на теренот реализирана од инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство произлегле 30 парични казни во вкупна вредност од 7.750 евра, 12 решенија за привремена забрана за работа, а повлечени се уништени 18 килограми небезбедна храна.

    Контролите биле извршени кај 70 оператори со храна, меѓу кои продавници, кафе-барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, производители и пакувачи на овошје и зеленчук и други субјекти.

    „Во однос на утврдените недоследности – неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација (кај пет оператори), неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените кај 18 оператори, затекнати се и 11 правни лица кои не се регистрирани како оператори со храна во АХВ, за што покрај парична казна им е изречена и времена забрана за вршење на дејноста до регистрирање“, соопштија од АХВ.

    При контролите биле затекнати и двајца оператори кои пуштале во промет небезбедна храна. Станува збор за 18 килограми виршли, кисело млеко, јогурт, слајс-салами и путер кои, според АХВ, веднаш биле повлечени и нештетно уништени.

    Инаку, примарната цел на Агенцијата била да се провери дали се почитува забраната за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем.

    „Кај операторите не се утврдени отстапки во делот на почитување на забраната за употреба на водата. За послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата се користела пакувана вода и безбедна вода во спроведувањето на работните процеси. За послужување на гостите во угостителските објекти утврдено е дека се употребуваат пластични и хартиени чаши и прибор“, информираат од АХВ.

    Од Агенцијата повторно апелираат операторите и граѓаните строго да ја почитуваат забраната за употреба на водата од градскиот водоводен систем во Гостивар, а сите случаи на непочитување да ги пријавуваат до АХВ – во подрачни единици; на [email protected]; и на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22.

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично