Првото годинешно тримесечје ТТК банка го одработи со позитивен финансиски резултат. За над 152 проценти подобар споредено со истиот лански период. Добивката е 10,6 милиони денари.
„Преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 24 милиони денари, како резултат на остварените оперативни приходи во износ од 144 милиони денари и остварените оперативни трошоци во износ од 120 милиони денари. Во анализираниот период издвоена е исправка на вредност на финансиски и нефинансиски средства во износ од 13,8 милиони денари. Во согласност со наведеното, во првиот квартал од 2025 година e остварен позитивен финансиски резултат од 10,6 милиони денари“, наведуваат од ТТК банка.
Кај најважниот сегмент – приливите од пресметаните и наплатени камати нема поголемо отстапување во однос на сопоредбениот перод. Тука е запишан нето-износ од 83,7 милиони денари. Шестпроцентно намалување е забележано кај нето-приходите од провизии и надоместоци, а инкасирани се 37,5 милиони денари. Курсните разлики на приходната страна учествуваат со 3,1 милион денари и „бележат намалување во однос на истиот период од минатата година, како резултат на намален обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар“.
Затоа, зголемување има кај останатите приходи од работењето. Се работи за сума од 19,7 милиони денари, повисока за 16 милиони денари во однос на минатата година. Тоа произлегува од „повисокиот износ на реализираните приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства во тековната година“.
Раст има и кај оперативните трошоци, кои достигнуваат 120,4 милиони денари. Поттикнат е од зголемените трошоци за плати и на материјалните и административните расходи.
Од ТТК банка велат дека и во натамошното работење приоритет се долгорочната стабилност и ликвидноста.