ПОВЕЌЕ

    Во петок на бојкот? – Секоја акција може да успее ако има масовност

    Време зa читање: 4 минути

    „Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити“. Ова е целта за формирањето на новата Фејсбук група, БОЈКОТ!!!СТОП ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА!!!, чие членство постојано се зголемува. Како што пишува администраторот, следните активности ќе се договараат кога ќе се постигне масовност.

    Освен оваа група, на социјалните мрежи се споделува и повик за бојкот во петок, 31 јануари – „Попусто попусти кога цените се исти“. Македонските потрошувачи секојдневно негодуваат поради скапотијата, но дали организирано ќе настапат како граѓаните на Хрватска, не е извесно.

    Секоја акција на бојкот може да успее само ако има масовност и тоа зависи од секој граѓанин, вели за Пари научниот соработник на Институтот за општествени и хуманистички науки, Здравко Савески.

    „Во одредени услови граѓаните се повикуваат на бојкот против одредени компании кои не исполнуваат одредени критериуми. Сето тоа додека не е организирано, на пример по етничка линија, тука воопшто нема ништо проблематично. Секоја акција на бојкот може да успее само ако има масовност и тоа зависи од секој граѓанин, кој смета дека одредено претпријатие треба да биде бојкотирано поради одредена причина. Економска или неекономска. На пример, може да биде неекономска поради поддршка на војната во Газа, поради што одредени светски компании се бојкотирани. Значи секој ако смета дека одредена политика, економска или неекономска кај одредено претпријатие не му одговара, тогаш треба да се вклучи. И во тој случај и само тогаш  бојкотот може да успее“, дециден е Савески.

    Вели, во актуелните услови кај нас, граѓаните се пасивни, а моќта ја користат капиталистите и политичарите.

    „Во моментот, кај нас, во принцип и власта и капиталистите, значи оние кои поседуваат моќ ја користат, а граѓанството е пасивно. Граѓаните не сфаќаат дека и во политичката и во економската сфера располагаат со моќ. Но, за таа моќ да се материјализира, тие треба да се организираат. А ние имаме рак-рана со проблемот, многу работи на многу луѓе не им се допаѓаат, но едноставно стојат на страна. Ако се промени таа психологија и ако граѓаните сфатат дека и тие самите имаат моќ во однос и на власта и на капиталистите, тогаш спротивната страна гледајќи дека се соочува со сериозно нарушување на профитот, тогаш може дури и пр стратегии да применат, од типот – го слушаат гласот на граѓаните“, вели Савески.

    Се почна од Хрватска, каде што бојкотот е оценет за успешен. А, за петок се најавува дека ќе настапат уште помасовно и поорганизирано. Воедно, посочуваат од ФБ групата „Ало, инспекторе“, демантирани се и толкувањата дека ваков со ваков вид на отпор – ден пред тоа и ден по бојкотот, во малопродажната мрежа ќе се слеат огоромни износи. Хрватите се горди на постигнатото – минатонеделниот промет е намален за над 44 милиони евра. Тоа, според анализите на тамошните медиуми, е околу еден процент од вкупните годишни приходи на петте најголеми трговски синџири.

    Освен масовниот бојкот за следниов петок, граѓаните се повикуваат од 31 јануари па до 5 февруари да не влегуваат во маркетите на „Лидл“, „Еуро Спин“ и „Дм“. Воедно, и да не купуваат три вида производи – „кока-кола“ и други газирани пијалаци, флаширана вода и детергенти.

    За ваков вид протест, исто така за во петок, се подготвуваат и во Босна и Херцеговина. Со „Бојкот поради високите цени. Еден ден не купувај ништо“, се повикуваат граѓаните тој ден, освен во маркети и бензински станици, да не одат ниту во кафулиња и ресторани. А, тамошните маркетинг експерти велат дека со еднодневен бојкот се испраќа само предупредувачка порака до трговците. Но доколку бојкотот стане долгорочна пракса, тогаш ќе има и резултати, цените ќе се намалат.

    Иницијатива има и во Црна Гора, а поддршка доби и од премиерот Милојко Спајиќ.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично