ПОВЕЌЕ

    ВО БУЏЕТОТ ЗА 2025 ГОДИНА НИ ФАЛАТ НАД 1,7 милијарди евра, ќе ги позајмуваме!

    Време зa читање: 4 минути

    Буџетската дупка како разлика меѓу приходната и расходната страна и старите долгови што мора да се платат, а за кои, пак, мора да се задолжиме, го проектираа задолжувањето за наредната година од 1,75 милијарди евра. Во Предлог-буџетот за 2025 година е проектиран буџетски дефицит од 672,3 милиони евра. Надворешните задолжувања кои стигаат за наплата се 801,6 милиони евра, а отплатата на домашниот долг треба да изнесува 274,8 милиони евра.

    Според Предлог – буџетот за 2025 година, кој го анализира Пари, дефицитот и отплата на долговите ќе се финансира преку домашно и странско задолжување.

    Предвидено ниво на домашно задолжување е 874,8 милиони евра, а ќе се обезбеди преку државните хартии од вредност, а во опција е и друг вид на домашен заем. Од Министерството за финансии, како предлагач на буџетот за наредната година, сметаат дека со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поповолните каматни стапки. Во исто време, со цел оптимизација на портфолиото на државните хартии од вредност, a во насока на намалување на ризикот од рефинансирање, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде и зголемување на рочноста на портфолиото на државните хартии од вредност.

    Во однос на странското задолжување, главен играч е билатералниот унгарски кредит, кој и за 2025 година е 500 милиони евра.

    „Задолжувањето во странство ќе се реализира преку повлекување на средства од прва транша од заем од ЕУ за макрофинансиска поддршка во износ од 50 милиони ЕУР, билатерален заем во износ од 500 милиони евра, како и преку повлекување средства од други кредитни линии од странски финансиски институции наменети за финансирање одделни проекти и/или буџетски дефицит“, пишува во Предлог-буџетот.

    Од Предлог-буџетот може да се види дека отплатата на главнината по основ на надворешен долг во износ од 802 милиони евра го вклучува редовното сервисирање на обврските кон странските кредитори: еврообврзницата што беше издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра, обврзница – НСВ во износ од 125 милиони евра, кредит од ММФ во износ од 42,3 милиони евра, од ИБРД во износ од 57 милиони евра, ЕБРД 34 милиони евра ИДА 14,6 милиони евра, ЦЕБ 9,7 милиони евра, ЕИБ 11,4 милиони евра и остатокот од околу 8 милиони евра се отплати кон други билатерални кредитори (ИФАД, КфВ, Јапонска агенција за меѓународна соработка и др).

    Отплатата на главнината по основ на домашен долг е во вкупен износ од безмалку 275 милиони евра. Главно се однесува на отплати на 2, 3, 5 и 10-годишни државни обврзници, со еден мал дел (6,5 милиони евра) отплата и на структурни обврзници.

    Износот на државниот долг на 30.09.2024 година е 7,66 милијарди евра,  односно 49,3% од БДП, а на јавниот долг 8,84 милијарди евра,  односно 56,9% од БДП. Согласно последните проекции на Министерството за финансии државниот долг на крајот на 2024 година ќе изнесува 53,7% од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,7%.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично