ПОВЕЌЕ

    ВФП Пензиско бара место во вториот столб – чека дозвола од МАПАС за влез во задолжителното осигурување  

    Време зa читање: 3 минути

    ВФП Пензиско друштво направи важен исчекор кон проширување на своето работење – до МАПАС достави барање за дозвола за управување со задолжителни пензиски фондови, условно одобрение за управување со задолжителен фонд и негово запишување во регистарот на задолжителни и доброволни пензиски фондови.

    „Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС известува дека од страна на ДУДПФ ВФП Пензиско друштво АД Скопје, е доставено Барање за добивање дозвола за вршење на дејност – управување со задолжителни пензиски фондови, условно одобрение за управување со задолжителен пензиски фонд и запишување на задолжителен пензиски фонд во Регистарот на задолжителни и доброволни пензиски фондови, објави МАПАС.

    Со тоа ВФП Пензиско, кое работи само во рамките на третиот, доброволен пензиски столб, бара да стане учесник и во вториот, задолжителен столб. МАПАС сега треба да ја разгледа доставената документација и да оцени дали се исполнети сите законски и регулаторни услови.

    Од Агенцијата информираат дека со барањето е доставена документација за друштвото, за неговиот акционер, органите на управување, предложениот менаџерски тим, организациската структура и внатрешните акти, како и податоци за планираниот задолжителен пензиски фонд и банката чувар на имот.

    Овој потег уследи откако неодамна се случи промена во структурата на друштвото. Еуролинк Осигурување стана речиси 50-процентен сопственик на ВФП Пензиско друштво. Во јули Еуролинк се стекна со 444.999 акции, односно 49,9999 проценти од друштвото, за пакет вреден 27,4 милиони денари. Останатите 50,0001% ги поседува ВФП Фонд Менаџмент.

    Влезот на Еуролинк во сопственичката структура првично се однесуваше само на доброволното пензиско осигурување. При давањето на согласноста за стекнување на акциите, од МАПАС за Пари тогаш посочија дека евентуален влез во вториот столб би барал нова регулаторна постапка.

    „Вториот чекор би бил евентуално да достават барање и за вториот столб. Тоа би било предмет на нова постапка, при што стручните служби ќе треба детално да проверат дали се исполнети сите законски услови. Во моментов такво барање не постои“, изјави тогаш членот на Советот на експерти на МАПАС, Дарко Саздовски.

    Со 49,9 % Еуролинк е косопственик на ВФП Пензиско друштво

    Сега таквото барање е доставено, па МАПАС ќе треба да го оцени исполнувањето на условите.

    ВФП е најмладиот учесник на домашниот пазар на приватното пензиско осигурување. Друштвото почна со работа во 2022 година, а со управување со фондот и маркетинг активности од 2023 година.

    Според податоците на МАПАС, на крајот на 2025 година во доброволното капитално финансирано пензиско осигурување имало 35.944 членови, од кои 2,29% биле во ВФП Пензиско друштво.

    Во 2025 година ВФП остварил приходи од 4,06 милиони денари, но годината ја завршил со загуба од 8,5 милиони денари. Акумулираната загуба на крајот на годината достигнала 30,4 милиони денари.

    Со евентуалното добивање дозвола за вториот столб, ВФП би добил пристап до значително поголем и задолжителен сегмент од приватното пензиско осигурување, што би претставувало суштинско проширување на неговото досегашно работење.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично