
Во услови на нестабилни глобални пазари и засилени геополитички ризици, Народната банка ја зајакнува монетарната рамка и отвора простор за поефикасно функционирање на финансиските пазари, порача вицегувернерот Игор Величковски на Годишното собрание на АЦИ Македонија.
Според него, стабилниот девизен курс на денарот кон еврото останува темел на монетарната стратегија, но паралелно се прават и промени што треба да овозможат побрз и попрецизен одговор на Централната банка во услови на надворешни шокови.
Фокусот е ставен на унапредената оперативна монетарна рамка, која носи поголема флексибилност во управувањето со ликвидноста во банкарскиот систем. Со пократка рочност на благајничките записи и симетричен распон на каматните стапки, како што беше посочено, Народната банка ќе може попрецизно да влијае врз краткорочните каматни движења и поефикасно да ги пренесува монетарните сигнали во економијата.
Овие измени, според Величковски, добиваат уште поголема тежина во време кога глобалната неизвесност, вклучително и случувањата на Блискиот Исток, носи ризици и за домашната економија.
Покрај монетарната политика, централната банка најавува и активности за подлабок и пофункционален девизен пазар. Целта е поголема ликвидност, поголема ценовна транспарентност и поактивно учество на пазарните играчи, што треба дополнително да ја зајакне довербата.
Паралелно се отвора простор и за развој на домашниот финансиски пазар. Новата регулатива за финансиски инструменти и финансиско обезбедување, како што беше истакнато, создава услови за секундарно тргување со инструменти, чекор што треба да донесе поголема транспарентност, подобра заштита за инвеститорите и повисока пазарна ликвидност, поблиску до европските стандарди.
Значаен дел од вниманието беше насочен и кон платниот систем, особено по приклучувањето на земјава кон СЕПА. Со вклучувањето на банките во овој систем, прекуграничните плаќања во евра веќе стануваат побрзи и поевтини и за компаниите и за граѓаните, а следниот чекор е систем за инстант плаќања кој ќе овозможи трансакции во реално време, 24 часа дневно.
Пораката од Народната банка е дека монетарната стабилност останува приоритет, но дека паралелно се гради и поширока финансиска инфраструктура која треба да ја направи економијата поотпорна, а пазарите поефикасни и поконкурентни.
Аналитика








