УНИ банка го заврши првото полугодие со добивка од 114,5 милиони денари, односно 1,86 милиони евра. Пред една година износот беше 3,3 милиони евра. Но, и покрај намалувањето, од Банката оценуваат дека и во услови на глобална економска неизвесност успеала да го задржи стабилното работење, истовремено проширувајќи ја понудата со нови производи и дигитални услуги.
Кредитната активност продолжила да расте и во првите шест месеци од годинава. Кредитите кон населението и компаниите достигнале до 349,2 милиони евра, за 3,1 насто повеќе споредено со крајот на 2025 година. Депозитната база, пак, се намалила од 416,7 на 400,1 милион евра, односно за околу четири отсто.
Вкупните приходи од работењето на УНИ банка изнесуваат 18,8 милиони евра и со намалувањето од 0,4 отсто речиси се задржале на нивото од ланското шестмесечие.
Најголем приходен извор се каматите, кои донеле 12,5 милиони евра (- 0,9 %) и учествуваат со 66,8 отсто во вкупните приходи на Банката. По оваа основа се обезбедени нето-приливи од 9,6 милиони евра. Од УНИ банка наведуваат дека благо намалените каматни приходи се резултат на пониските каматни стапки на кредитните производи, со кои банката настојува да ја зголеми клиентската база и кредитната активност.
На расходната страна е регистриран раст од 8,8 насто и сума од 16,9 милиони евра. Добар дел од растот произлегува од повисоките трошоци за провизии кон картичните организации, особено за прекуграничните трансакции и лиценците, како и од повисоките резервации, кои банката ги оценува како дел од конзервативниот пристап во управувањето со ризиците.
На крајот на јуни, вкупната актива на УНИ банка е во износ од 495,4 милиони евра, за 2,5 отсто намалена од крајот на минатата година и тогашните 508,1 милиони евра.
Аналитика








