Трите најголеми македонски банки покажуваат голема отпорност кон случувањата, ризиците и неизвесностите надвиснати и на глобално и на локално ниво. Високата профитабилност ги следи во секое време и без оглед на променливата „среќа“ во одделни сегмент од работењето, некои и клучни, во финансиските изештаи запишуваат големи резултати. Уште повеќе, ова е само почетната фаза од годината, што претпоставува дека имаат доволно простор да го надоместат загубеното.
Со сите свои минуси и плусови, Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ банка имаат заедничка добивка од безмалку три милијарди денари. Или, 48,3 милиони евра. Подобри се за нешто повеќе од четири милиони евра, со оглед на збирот од пред една година, од 44,2 милиони евра.
Во тримесечниот период, Комерцијална банка и НЛБ банка имаат профит без задршка. Или, бележат раст во споредба со ланскиот прв квартал. Кај најголемата банка зголемувањето е за 20,1 насто, а добивката е во износ од 23 милиони евра. Нагорното движење е поуспешно од она на релацијата март 2023 – март 2024, од 13,4 проценти.
Добивката на НЛБ е 11,7 милиони евра, зајакната за 6,1 процент. Инаку, на 31 март 2024 година, оваа банка кај профитот имаше потфрлување од 15,5 отсто во споредба со годината пред тоа.
Скопската Стопанска банка, пак, која лани ова време имаше убедливо најголем раст кај профитот (23,4%), сега минусира 3,29 проценти. А нето-износот на добивката е 13,5 милиони евра.
Најважниот извор за банкарските приходи, врз кои најмногу се потпира и добивката, се каматите. Приходите од нив, кај Комерцијална банка се зголемени за минимални 0,8 проценти и достигнуваат скоро 24 милиони евра. Раст е евидентиран и во НЛБ банка, а износот е 19,4 милиони евра. Само кај Стопанска банка Скопје, која ја дава и најголемата кредитна поддршка, има пад од седум проценти, а нето-приливите се 23,7 милони евра. Во тој поглед банките многу повеќе напредувале лани, за што сведочат заедничките бројки: сегашниот скор по оваа основа е 67,1 милион евра, а по првиот квартал во 2024 бил 68,37 милиони евра.
Од пресметаните и наплатени провизии во „касичките“ на трите банки се слеале вкупно 14,7 милиони евра (лани во истиот перод – 14,12 милиони евра). Раст во овој сегмент има само кај НЛБ банка, додека Комерцијална банка евидентирала минимален пад од 0,5 проценти, а скопската Стопанска банка за осум отсто.
Курсните разлики на големата тројка за три месеци и донеле нето-приходи од 4,1 милион евра. Во овој дел Стопанска банка Скопје е рекордер со зголемувањето од 91 насто. Комерцијална банка запишала раст од 17,3, а НЛБ банка за 5,83 проценти.
Трите банки од останатите приходи од дејноста добиле пет милиони евра. Најмногу се офајдиле во Комерцијална банка, каде што во овој сегмент годишниот раст е 0,9 проценти.
Во март, според податоците на Народната банка, кредитната поддршка дадена од сите банки во земјава изнесувала 8,2 милијарди евра. Повеќе од половината се одобрени на клиентите од големата банкарска тројка. Во износ од 4,3 милијарди евра. Притоа, најголем е уделот на Стопанска банка Скопје, а најмал на Комерцијална банка.
Овие три банки, со состојба од 31 март, располагаат со депозитна база од 5,9 милијарди евра. Тоа претставува 60,64 проценти од сите пари што во сите банки ги имаат доверено граѓаните и компаниите од Македонија. Во март вкупните депозити биле 9,73 милијарди евра.
Банките се големи, колку што им е голема активата. На крајот од март Комерцијална банка имала актива од 2,9 милијарди евра, Стопанска банка Скопје – 2,36 милијарди, а НЛБ банка – 2,06 милијарди.
Збирот од профитите на овие три банки за минатата година изнесуваше 191,2 милиони евра. Во првиот квартал беа реализирани 23,12 отсто од таа сума. Имаат време да го достигнат, па и да го надминат ланскиот резултат.
М.А.