Јазот меѓу две минимални плати и минималната потрошувачка кошничка изнесува околу 270 евра за август месец.
Пресметките на Сојузот на синдикати покажуваат дека синдикалната кошница за месец август тежи 61.199 денари, сума потребна на четиричлено семејство некако да го истурка месецот купувајќи го само најнеопходното. Тоа значи дека во семејство каде двајцата родители се со минимални примања од 22.567 денари ќе им недостасуваатречиси седумнаесет илјади денари за да може да го преживеат месецот.
За 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на едно семејство во август во споредба со јули.
Во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4.677 денари.
-Податоците од Синдикалната минимална кошница покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, нема оправдување за тоа, а истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни. Податоците од Синдикалната минимална кошница треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот. Само со зголемување на платите може да се зачува животниот стандард на работниците и токму затоа барањата на работниците за зголемување на платите се оправдани, велат од ССМ.
Методологијата за пресметување на синдикалната кошница која во изминатите десетина години често беше оспорувана од Владата и надлежните во декември минатата година претрпе измени, а пресметките и анализите за висината на минималната синдикална кошничка ги изработија двајца поранешни министри за финансии, а како основа ги земаа цените во ланци на три маркети.
За разлика од пресметките во минатото, овој пат поранешните министри, раководејќи се од реалната и моменталната состојба воведоа четири нови ставки – комуникации, ресторани и хотели, останати стоки и услуги.