Штрајк на вработени во обвинителствата е закажан за идната среда, 27 септември, а два дена подоцна ќе им се придружат и колегите од судовите. На овој начин 2.500 вработени ќе го изразат незадоволството кое произлегува од големите разлики во платите – нивни, со просек од 25 илјади денари, и на избраните функционери. Оттаму и барањата за зголемување на месечните примања за 78 проценти и за редовна исплата на додатоците. Синдикатот на УПОЗ најави дека ќе се штрајкува се до исполнување на поставените услови, но ќе се работи само на итни случаи.
Разликата во платите од еден спрема два или три, се зголеми и сега е еден спрема шест или седум. Таков е соодносот на релација работник – избран раководител, посочија од УПОЗ.
„Министерството за правда и судовите не прифаќаат преговори и ние одлучивме да штрајкуваме. На 27 септември први излегуваат вработените во обвинителствата, а на 29 ќе им се придружат и вработените во судовите. Барањата се исти, зголемување на платите од најмалку 30 отсто до најмногу 78 отсто и редовна исплата на додатоците на плати. Ќе се штрајкува до исполнување на барањата“, нагласи претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Синдикатот на УПОЗ, вели тој, испрати амандман на ребалансот на Буџетот, со тоа што ќе се зголеми износот на пари наменети за плати според бараното зголемување од најмалку 30 до најмногу 78 насто.