ПОВЕЌЕ

    ССМ ПРЕСМЕТА: ЗА ЕДНА ГОДИНА МИНИМАЛНАТА КОШНИЦА ПОСКАПА ЗА 100 ЕВРА, платите треба да се качат за минимум 20 насто

    Време зa читање: 3 минути

    За еден месец, од декември до јануари, синдикалната минимална кошничка е поскапа за 391 денар и достигнува 63.252 денари. Удел во зголемувањето имаат цените на храната и пијалаците, за кои најмногу реагираат и граѓаните. За 123 денари повеќе чинат 63-те основни производи кои ги пресметува ССМ во својата кошничка. А, за една година нејзината вредност е поголема за 10,65 проценти. Што, пак, се коси со годишната стапка на инфлација од 3,5 проценти. Затоа, платите мора да се зголемат за најмалку 20 проценти.

    Вредноста на храната и пијалаците е зголемена за најмалку 10 насто, што за претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, е особено загрижувачки. Пред се, затоа што тие проценти се поклопуваат со ветувањето на трговците дека ќе ги намалат цените за да им излезат пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божикните празници.

    А, за една година, кај храната и пијалаците има зголемување за 10,43 проценти, до кои Синдикатот дошол преку пресметките врз основа на сите минатогодишни акции. Што значи дека цените на производите фиктивно се намалувале, а трговците се богателе на грбот на граѓаните

    „Загрижува тоа што од почетокот на минатата до оваа година, односно за 12 месеци, вредноста на кошничката во делот на храната и пијалаците е зголемена за 10,43 проценти. Со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци, произлегува дека вредноста на кошничката во овој дел е зголемена за најмалку 20 проценти, имајќи ги предвид зголемувањето од 10 проценти и ненамалувањето од 10 проценти. Ако ги соберете, посиромашни сме за најмалку 20 проценти“, укажува Трендафилов.

    Исто така, истакна, тоа што трговците сега ветуваат дека во наредните месеци ќе ги задржат цените на основните производи, е мамка за да не ги намалат цените на производите кои се намалуваат на светските берзи. Затоа и со мерката „Новогодишна кошничка“ немаше реално намалување на цените на над илјада производи.

    Оттаму, вели, не е можно стапката на инфлација во земјава да е 3,5 проценти. Во прилог на тоа го посочи податокот дека вредноста на минималната кошничка за една година се зголемила за 6.089 денари или за 10,65 проценти. Тоа, додава, покажува дека инфлацијата лани се движела далеку над 10, односно околу 20 проценти.

    „Синдикалната минимална кошничка е можеби единствениот релевантен податок што го пресметува ССМ, кој покажува дека платите мора да се зголемат дури и за најмалку 20 проценти, имајќи предвид дека трговците во маркетите секогаш прават тие да се зголемат за најмалку 20 проценти. Сметаме дека нашето барање за раст на платите, вклучително и на минималната, е издржано од овие анализи што ги презентираме“, нагласува Трендафилов.

    Во планот на ССМ е во следниот период да се пристапи кон поригорозни мерки, со цел да им разграничат на граѓаните што е добро, а што лошо од аспект на акциите во трговската мрежа. Тоа ќе се направи со завршните сметки на големите синџири на маркети, кои ССМ има намера да ги презентира пред јавноста, за да се види како се богатат на грбот на граѓаните.

    „Во изминатите неколку месеци трговците се покажаа како лош пример за македонската економија, ако знаеме дека минатата година имаа енормни добивки и профити“, смета синдикалниот лидер, кој повторно до Владата го упати барањето – да не ги консултира трговците за мерките што ги носи и така да им помогне на граѓаните.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично