Српското Обвинителство за организиран криминал му забранило на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, да располага со дел од личниот имот, како и со имот на повеќе компании во негова сопственост, објави Инсајдер.
Забраната, според документите во кои имале увид новинарите на Инсајдер, се однесува на недвижности и земјиште во лична сопственост на Мацура, но и на имот на компании како Алта холдинг, Алта лизинг и Кампари интернешнл.
Меѓу највредните имоти опфатени со мерката е околу 35 хектари градежно земјиште на поранешната Индустрија за мотори и трактори – ИМТ на Нов Белград. Дел од имотот на ИМТ во 2021 година го купила компанијата ABL Solvent, во сопственост на Мацура, за околу 70 милиони евра. На таа локација, пишува Инсајдер, бил планиран голем станбено-деловен комплекс со повеќе од 1.600 станови, четири високи кули, деловни и спортски содржини.
Сега располагањето со овој имот е привремено блокирано во рамките на истрагата што ја води Обвинителството.
Забраната се однесува и на друг имот во сопственост на компаниите на Мацура, вклучително и земјиште на Нов Белград и во општината Бараево. Кај компанијата Кампари интернешнл, која е во стопроцентна сопственост на Мацура, опфатени се градежно земјиште и станбен објект.
Со мерката е опфатен и неговиот личен имот – недвижности и земјиште во белградската населба Сењак, станбен објект и земјиште во Земун Поле, семејна куќа, гаража и земјиште во Сопот, како и гаражи на Нов Белград.
Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, за Инсајдер објаснува дека забраната за располагање е привремена мерка и дека конечната одлука треба да ја донесе судот. Според него, судот ќе треба да оцени дали постојат услови имотот привремено да биде одземен, додека Мацура и неговите адвокати имаат право да достават докази дека имотот е стекнат законски.
Мацура и уште двајца негови соработници се осомничени за злоупотреба на положбата, кривично дело против стопанството. Според тврдењата на српското Обвинителство за организиран криминал, во период од шест години од Алта банка биле незаконски изнесени околу 380 милиони евра.
Мацура ја негира вината, а Вишиот суд му одреди притвор до 30 дена.
Аналитика








