„Добивме дополнителни 30 дена за НИС. Една добра вест за граѓаните на Србија“, ја објави на социјалните мрежи веста за одложување на американските санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) за 30 дена српскиот претседател Александар Вучиќ.
Претседателот на Србија објави и дел од писмото на американското Министерство за финансии со кое се одложуваат санкциите за НИС до 28 март.
Според најавите на американската администрација, инаку, санкциите требаше да стапат на сила во 6 часот утринава. Претходно, НИС, со поддршка на Владата на Србија и Владата на Унгарија, поднесе барање до Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC) за 90-дневно продолжување на рокот за примена на санкциите.
Белградската берза вчера објави промена на сопственоста во Српската нафтена индустрија (НИС), објави новинската агенција Бета. Се вели дека Гаспром Нефт ги префрлил своите 5 отсто од НИС на Газпром, двете компании дел од Групацијата Газпром под контрола на Москва.
Документите објавени на Белградската берза покажуваат дека Гаспром Нефт го намалил уделот во НИС од 50% на 44,85%, додека акцијата на Гаспром пораснала од 6,15% на 11,30%.
Меѓу преостанатите сопственици на НИС е државата Србија со удел од 29,87%, додека останатите акции се во сопственост на приватни граѓани, сегашни и поранешни вработени и други малцински акционери.
Промената на сопственичката структура на НИС беше дел од напорите да се избегнат американските санкции наметнати на српската компанија на 10 јануари за да се спречи Русија да ги користи приходите од енергија за финансирање на војната во Украина.
Санкциите, објавени во јануари од страна на американското Министерство за финансии, беа насочени кон НИС како дел од пошироките мерки против рускиот енергетски сектор поради тоа што го контролира Гаспром Нефт. Српскиот претседател Александар Вучиќ потоа изјави дека САД сакаат Русија целосно да излезе од НИС.
Претходно овој месец, NIS побара од американската Канцеларија за контрола на странски средства (OFAC) да го одложи воведувањето санкции против компанијата за најмалку 90 дена.
Србија продолжува да разговара и со САД и со Русија со надеж дека санкциите сепак би можеле да бидат одложени, изјави во средата министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Експертот за берза, Ненад Гујаничиќ, за Бета изјави дека Гаспром Нефт, подружница на Газпром, префрлил околу 5% од акциите на НИС на таа компанија без трошоци и без плаќање. „Во блок трансакција во 2022 година, Гаспром Нефт продаде околу 6% од акциите на НИС на Газпром поради санкциите на ЕУ, и со оваа козметичка промена успеа да избегне поголеми проблеми“, рече тој.
(Фото: НИС Газпром)