Предлог-закон за изменување на Законот за супервизија на осигурување, со кој се менува начинот на регулирање на работниот статус на членовите на органите на управување во осигурителните друштва е поднесен од група пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Со предложената измена, наместо досегашниот услов членовите на управата да бидат „во постојан работен однос“ во друштвото за осигурување, ќе треба да бидат во работен однос регулиран со договор за уредување на односите меѓу друштвото и членот на органот на управување – менаџерски договор.
Предлагачите наведуваат дека измената е потребна за усогласување на Законот за супервизија на осигурување со Законот за трговските друштва и Законот за работните односи, кои веќе овозможуваат правата и обврските на менаџерите да се уредуваат со менаџерски договор.
Со предлог-законот не се менуваат останатите услови за именување членови на управата. И понатаму тие ќе треба да имаат високо образование, најмалку пет години работно искуство во областа на финансиите или осигурувањето (или три години како лице со посебни права и одговорности во осигурително друштво), да ги познаваат прописите од областа на осигурувањето и да добијат согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.
Исто така, остануваат во сила ограничувањата со кои за членови на управата не можат да бидат именувани лица кои се правосилно осудувани за одредени кривични дела, имаат изречена забрана за вршење дејност или должност, се поврзани со други осигурителни друштва или не ги исполнуваат другите законски критериуми.
Во образложението е наведено дека измените нема да предизвикаат дополнителни трошоци за Буџетот, ниту материјални обврски за осигурителните друштва, поради што се предлагаат по скратена постапка.
Предлогот е точка од дневниот ред на 111. седница на Собранието, закажана за 15 јули. На истата седница ќе се разгледуваат и годишните извештаи за состојбата и движењата на осигурителниот пазар, како и за работењето и финансиите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
(Фото: Magnific)
Аналитика








