ПОВЕЌЕ

    СО ПОСЛЕДНАТА ИСПЛАТА ОД 327,9 МИЛИОНИ ЕВРА затворена еврообврзницата од 2020 година

    Време зa читање: 2 минути

    По шест години од издавањето, Еврообврзницата вредна 700 милиони евра повеќе не е дел од обврските на државата. Министерството за финансии денеска ја реализираше последната исплата кон инвеститорите, со што целосно е заокружено сервисирањето на задолжувањето направено во 2020 година.

    Со денешната исплата од 327,9 милиони евра, од кои 316,3 милиони евра се однесуваат на главница, а 11,6 милиони евра на камата, државата ја затвори обврската по Еврообврзницата издадена во 2020 година. Станува збор за втор и последен дел од отплатата, откако во февруари годинава беа предвреме исплатени 383,7 милиони евра кон инвеститорите кои ја прифатија понудата за предвремено раздолжување.

    Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку ново задолжување на меѓународниот пазар на капитал. Министерството за финансии во јануари годинава издаде нова Еврообврзница, со што однапред ги обезбеди потребните средства за навремена отплата на доспеаните обврски.

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочи дека станува збор за уште една навремено сервисирана обврска на државата и дел од поширокиот процес на управување со јавниот долг.

    „Со исплата во износ од 327,9 милиони евра комплетно ја исплативме Еврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година. Таа е дел од обврските што како Министерство за финансии редовно и навремено ги сервисираме“, изјави Димитриеска-Кочоска.

    Според податоците што ги презентира Министерството за финансии, во втората половина од 2024 година биле исплатени обврски во износ од 786 милиони евра. Во текот на 2025 година биле сервисирани 2,198 милијарди евра, додека од почетокот на 2026 година до денес биле исплатени 1,571 милијарди евра. Вкупно, во периодот од втората половина на 2024 година наваму, сервисирани се обврски во вредност од 4,556 милијарди евра.

    Од Министерството нагласуваат дека одлуката за предвремена отплата на дел од Еврообврзницата донела и финансиска корист за Буџетот. Според нивните пресметки, со ваквиот пристап се остварени заштеди од 3,2 милиони евра, средства кои инаку би биле потрошени за дополнителни каматни плаќања.

    Властите најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со политиката на внимателно и прудентно управување со јавниот долг, со цел обезбедување на потребното финансирање по најповолни можни услови и со најнизок можен трошок за државата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично