ПОВЕЌЕ

    СО КАФЕ ОДИ ДОБАР МУАБЕТ, А МАЛ ПРОФИТ – Зошто нема голем ќар во трговијата на големо со чај, какао и зачини?

    Време зa читање: 5 минути

    „Ајде на кафе“ и „Ај на кафе-муабет“ се најчестите фрази во секојдневната комуникација. Традиционално, кафето е повод за средба и разговор. Количински, минатата година во земјава биле испиени 3,6 килограми кафе по жител, па според „World of Statistics“, Македонија е на 18-тото место во светот. Се пие и чај, но помалку од два литри годишно, а какао, во просек, помалку од еден килограм. Зачините се во употреба, но за количините нема понови статистички податоци.

    И покрај тоа што овие производи се неизоставен дел од секојдневието на потрошувачите, трговијата на големо со кафе, чај и зачини во Македонија не успева да генерира високи приходи и добивки, како што можеби се очекува. Всушност, податоците за фирмите од оваа дејност, што ги анализира порталот Пари во соработка со БизнисМрежа.мк, можеби се изненадување за пошироката јавност. Едноставно, тука не се вртат тешки милиони.

    ДЕСЕТ ФИРМИ СО ЗАЕДНИЧКА ДОБИВКА ОД ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА

    Секако, пари има, но профитабилноста е релативно ниска. Бизнис-лидерите рангирани во оваа категорија минатата година ја завршиле со добивки кои се движат од 40.000 до над 120 илјади евра. Само две од десетте компании оствариле профит повисок од 100 илјади евра. Милионите доаѓаат до израз кога износите се прикажуваат во денари.

    Челната позиција во ова друштво ја држи Друштвото за трговија и услуги Фриготерм Трејд ДООЕЛ Скопје, со добивката од 7.480.826 денари (121.639 евра). Следи Трговското друштво за производство, услуги, транспорт и трговија Теофил увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп со 6.674.503 денари (108.528 евра).

    Понатаму, добивките се под стотката. Веќе треторангираното Друштво за производство, трговија и услуги БИО Актив ДООЕЛ Скопје има остварување од 4.060.266 денари (66.020 евра ‒ речиси двојно пониско од првиот на листата).

    Сѐ на сѐ, заедничкиот резултат на десетте најдобри фирми според добивката е 588.697 евра.

    Ниските добивки во овој сектор, според познавачите на состојбите, може делумно да се објаснат со големата конкуренција на мал пазар, како и ограничената куповна моќ на потрошувачите, кои се чувствителни на ценовните промени. Исто така, поради тоа што голем дел од производите се увезуваат, компаниите во оваа гранка се соочуваат и со курсни разлики и трошоци поврзани со логистиката.

    Извор: БизнисМрежа

    КАЈ ПРИЛИВИТЕ РАЗЛИКА ОД 91,92 НАСТО МЕЃУ ВРВОТ И ДНОТО ОД ТАБЕЛАТА

    Сосема е поинаква сликата кај приходната страна, каде што со заеднички сили е дојдено до износ од 24,2 милиони евра. Сепак, забележлива е голема разлика во достигнувањата на компаниите. Особено меѓу прворангираниот и останатите. Приходите се во распон од близу еден до речиси 12 милиони евра.

    Друштвото за производство, трговија и услуги Атлантиц Гранд ДООЕЛ увоз-извоз Скопје го нема меѓу најпрофитните, а прво е според приходите. Во 2023 година обезбедило приливи во износ од 735.611.791 денар, што е еднакво на 11,96 милиони евра. Со тоа има голема предност пред конкуренцијата и, очигледно, пазарна доминација.

    Со приходи пониски за 76,38 насто, второпласирано е Друштвото за производство, трговија и услуги Деволи Цорпоратион ДООЕЛ Скопје. Се работи за сума од 173.727.932 денари (2,82 милиони евра).

    Разликата меѓу првата и третата фирма е 89,2 насто. Станува збор за Друштвото за производство, трговија и услуги Францк Македонија ДООЕЛ Скопје, со приходи од 79.451.584 денари (1,29 милиони евра).

    Како се оди кон крајот од листата, процентите се зголемуваат. Интересно е што на последното место по приходи е компанијата што ја има највисоката добивка ‒ Фриготерм Трејд. Има приливи од 59.422.620 денари (над 966 илјади евра) и заостаток од 91,92 насто во однос на предводникот во овој сегмент.

    Извор: БизнисМрежа

    ДЕЈНОСТ ШТО НЕ БАРА БРОЈНА РАБОТНА СИЛА

    Не е голем ниту бројот на вработени во оваа дејност. Во десетте фирми платата ја заработуваат вкупно 146 лица.

    Најголем работодавач е Атлантиц Гранд. Ангажира 53 вработени, што укажува на тоа дека и покрај високите приходи компанијата работи со оптимизиран и мал оперативен тим.

    Останатите од оваа листа имаат значително помал број вработени. На второ место е Деволи Цорпоратион со 22, а на трето Друштвото за производство, трговија и услуги Егзотик Трејд ДОО увоз-извоз Скопје, каде што работат 13 лица.

    Работата кај другите фирми ја вршат и по шест-седум вработени. Оттука може да се заклучи дека ефикасното функционирање на оваа дејност не бара ангажман на бројна работна сила.

    Извор: БизнисМрежа

    Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    ПРОДАЖБАТА НА ВОЗИЛА НА БРЗ КОЛОСЕК: Секој ден по еден милион евра промет кај 10-те бизнис лидери

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично