Само еден ден откако на социјалните мрежи се проширија фотографиите од густиот црн чад од скопската депонија Вардариште, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски се пофали со започнување на процесот на отплинување на некогашното градско ѓубриште како дел од напорите за негово затворање. „Како што ветив, депонијата Вардариште станува минато! Започнат е процесот на одгасување, што води чекор поблиску до новите бели дробови на Скопје. Дадениот збор пред граѓаните е обврска која мора да се исполни“, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.
Скопскиот градоначалник информираше дека се мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место и дека од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите.
Истовремено, како што информираше, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата, која, според Ѓорѓиевски, ќе стане минато. „Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток“
На местото на Вардариште, според градоначалникот, треба да никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје. За заокружување на целиот комплекс, завршувањето на целиот процес, најавена е и изградба на мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност.
Од еколошката иницијатива Стоп за Вардариште, кои беа организатори на минатогодишните граѓански протести и блокади на сообраќајниците во скопската населба Аеродром и Ново Лисиче, по најновиот инцидент со палење на Вардариште, бараат итна реализација на ветените мерки за да не се повторува загадувањето кое со години доаѓа од насока на локацијата Вардариште, каде поединци или групи спалуваат најразличен отпад, во кој спаѓаат и кабли, за екстракција на бакар и други суровини, или како огревен материјал.
Тие потсетуваат дека речиси ништо од она она што е договорено на предновогодишната средба со скопскиот градоначалник Орце Горѓиевски во врска со итни мерки за запирање на труењето кое на Скопјани им доаѓа од Вардариште, досега не е реализирано. „По протестите и јавниот притисок што се случуваа кон крајот на минатата година, Вардариште не гореше цели 7 месеци, но денес повторно сме сведоци на истото сценарио: чад, загадување, тешка миризба и директна закана по здравјето на граѓаните“ се вели во објавата на Стоп за Вардариште, и се наведува дека ова е последно предупредување од нивна страна и дека, доколку не се испочитува договореното, не се стави целосен крај на загадувањето што го предизвикува Вардариште и ваквите палења се повторат, ќе бидат приморани на активирање на блокадите.
На терен, на самата депонија, нивните патроли не забележале ниту полиција ниту редари, а се уште стои и дивата населба на собирачи на секундарни суровини. „Ги повикуваме сите надлежни институции да реагираат итно и со највисок степен на сериозност, а Министерството за внатрешни работи да го вратат полициското присуство на депонијата“, велат од иницијативата.
На средбата на граѓанските активисти на 30 декември лани, градоначалникот на Скопје вети дека по Божиќ ќе се интензивира површинското чистење на Вардариште. Во однос на дивата населба, не бил посочен конкретен рок, бидејќи процесот зависи од згрижувањето на ранливото население, за што е надлежно МСПДМ, кое треба да им најде дом на луѓето кои престојуваат таму. Според заменик-министерот, оваа постапка треба да заврши до крајот на 2026 година, а за неа веќе постои владина одлука.
По седум месеци пауза, покрај Вардариште, завчера доцна попладне повторно гореше и депонијата во Арачиново. Тоа го потврдија и од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од ЦУК информираа дека преку единствениот телефонски број 112 била добиена пријава за пожар на депонијата „Вардариште“, за што била известена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
„Во периодот од 17:30 до 18:40 часот, пожарникарите ја гаселе запалената депонија „Вардариште“, која е на површина од 1.000 квадратни метри, на улицата „Перо Наков“. Интервенцијата ја извршиле со две противпожарни возила, а биле вклучени шестмина пожарникари. А во 21:55 часот остваривме контакт со Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, во врска со пријавата за пожарот во Арачиново. Од страна на дежурниот бевме информирани дека е активен пожарот веќе 10 дена, а во моментот се чека нова пријава за негово ширење, по што би се пристапило кон повторно гасење“, се вели во соопштението на ЦУК.
Проблемот со нелегалното одлагање отпад и палењето на депониите лани во предизборието го адресираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој, зборувајќи за низата инциденти во кои, покрај повеќедневното горење на Вардариште имаше и повеќекратни палења на депонијата Дрисла и дивите ѓубришта кај Визбегово, тогаш рече: „Депонијата „Вардариште“ не ја создаде оваа Влада во изминатите 15 месеци. Тоа е создавано 35 години, а може и повеќе, ама ние ќе го решиме. Во таа прилика, Мицковски вети и дека неговата Влада Ќе ја среди и депонијата „Дрисла“. „Ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика, која ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот“, истакна во таа прилика Мицкоски.
Ј. Дуковска
(Фото: Фејсбук профил на Орце Ѓорѓиевски)
Аналитика








