ПОВЕЌЕ

    „СИЛЕКС“ ГИ СКРАТИ ТРОШОЦИТЕ, ДОБИВКАТА ПОГОЛЕМА за над половина милион евра

    Време зa читање: 2 минути

    Кратовски „Силекс“ за една година ја зголеми добивката за повеќе од половина милион евра. На крајот од септември е забележан нето-износ од 97,853 илјади денари, што е речиси 1,6 милиони евра. Истиот минатогодишен период бил заокружен со 63,663 илјади денари или нешто над еден милион евра. Остварувањето е постигнато во услови на намалени приходи. Всушност, успешниот финансиски резултат се потпира на скратените трошоци, кои се пониски за значителни 3,6 милиони евра.

    Во компанијата, која претставува над 80 проценти од локалната економија, во текот на трите квартали имало прилив од 880,834 илјади денари/14,3 милиони евра на име оперативни приходи. Во споредбениот период тој износ бил 17,4 милиони евра.

    Во тие рамки, пониски се и приходите од продажбата, 13 милиони евра годинава (804,480 илјади денари), наспроти ланските 16,6 милиони евра (1,025,354 илјади денари). Притоа, безмалку е преполовена продажбата на домашниот пазар од 8,1 милион евра/501,170 илјади денари во 2022, на 4,8 милиони евра/297,125 илјади денари на крајот од третото тримесечје годинава. Затоа, пак, е стабилна состојбата на странските пазари и тука нема големо отстапување. Извозот обезбедил прилив од 507,355 илајди денари/8,2 милиони евра (во истиот период лани – 524,184 илјади денари/8,5 милиони евра).

    Единствено е надминат износот во ставката останати оперативни приходи – над 1,3 милиони евра, додека во споредбениот период се работело за износ од 722,3 илјади евра.

    Врз резултатите на „Силекс“ делотворно е влијанието од намалувањето на трошоците. Во финансискиот извештај на компанијата е наведено дека оперативните расходи се на ниво од  782,669 илјади денари, односно 12,7 милиони евра. Минатата година на таа страна биле забележани 1,006,237 илјади денари, или 16,3 милиони евра.

    „Силекс“ е основач на повеќе фирми и се занимава со различни бизнис дејности. А, кога ќе се спомене Кратово, тогаш тоа веднаш се врзува со градот на крајот од светот, според анегдотата од Втората светска војна, со кратовската пастрамајка и „Силекс“ и Ѕинго, кој со компанијата раководеше четири децении.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично