ПОВЕЌЕ

    СЕРИЈАЛ 100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ/ВТОР ДЕЛ: На половина од 100-те најголеми им се истенчил приходот

    Време зa читање: 3 минути

    СЕРИЈАЛ ТОП 100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ/ВТОР ДЕЛ

    Како продолжение на претходниот текст за најголеми 10 компании, рангирани според остварени приходи за 2020 година кој го објавивме на Pari.com.mk во соработка со БизнисМрежа.мк, продолжуваме со подетална анализа на вкупниот сегмент најголеми 100 во приватна сопственост без банки и финансиски и осигурителни субјекти.

    Првиот впечаток е дека влијанието на ковид кризата силно ги нарушило финансиските текови на поголем дел од топ 100 компаниите, а пред се тука се продажбите. Согласно податоците од платформата за бонитетни информации biznismreza.mk, кај 53% од компаниите во топ 100 листата евидентиран е пад на вкупните приходи. Кога кај најдобрите 100 компании во државата има надолно поместување на остварените приходи, може да да замислиме во колкава мера кризата се одразила врз останатите субјекти, иако топ 100 листата не секогаш е репрезентативен примерок за анализа на цело стопанство.

    Листата на топ 100 за 2020 година е приновена со 13 нови компании, кои успеале да направат пробив. Од нив само 2 влегле во топ 50. Една од нив е струмичка компанија која остварила скок од 208 места и која успеала да ги зголеми приходите за неверојатни 667 пати. Од друга страна, најголем пад (50 позиции) на ранкинг е евидентиран кај скопска компанија која се занимава со трговија.

    42% од компаниите имаат послаб ранкинг, во споредба со 2019 година, а само една од нив бележи минимален пораст на приходите. Тоа значи дека 2020 година е одбележана со правопропорционални односи помеѓу нивото на приходи и ранкинг листата.

    Во топ 100 листата има голем диверзивитет кога станува збор за распонот на приходи и истите се движат од 26 милиони ЕУР до 1.7 милијарди ЕУР. Ваквата разлика во голема мера ја отсликува ситуацијата на националната економија која е зависна од мал број на компании. Ова уште повеќе доаѓа до израз доколку се увиди дека во топ 5 компаниите има 2 компании кои се директни странски инвестиции во економско-развојните зони и нивното делување е стрикно поврзано со политиката на субвенции и континуираното обезбедување на ресурси. Се поставува прашањето, дали македонската економија е одржлива со ваква поставеност и финансиски остварувања на домашните претпријатија?

    Анализирано според кумулативните податоци може да се увиди состојба во која една третина од компаниите оствариле приходи во ранг од 30-50 милиони ЕУР.

    Ваквите процеси на пад на приходи треба дополнително да се анализираат од аспект на нивните извори. Дали се тоа приходи од основниот бизнис, од продажба на одредени недвижности, разви видови на субвенции и кредити како поддршка за справување со кризата и сл. Исто така поединечната анализа на компаниите ќе даде одговор како била алоцирана расходната страна.

    Еден податок кој е поврзан со нивото на активност на компаниите, а кој никако не оди во прилог на напорите за справување со невработеноста, а во голема мера ги искривува и податоците за просечната плата е вкупниот број на вработени во топ 100 сегментот. Имено, во 2020 година евидентиран е пад на вработените  за 2.540 луѓе. Поради атрактивноста на материјата, на овој дел ќе биде посветена дополнителна анализа која ќе следи во наредниот период.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично