Странските инвестиции играат значајна улога во подигање на економскиот раст, особено за малите и отворени земји како што е нашата. Тие имаат позитивен импакт врз вработеноста, секторската и извозната диверзификација, воведувањето напредна технологија, зголемувањето на конкурентноста и креирањето човечки капитал.
-Со носењето на седум нови инвестиции оваа година ќе се отворат нови работни места, и ќе се овозможи подобар и поквалитетен животен стандард – истакна премиерот Христијан Мицковски.
Новата белгиско-германска инвестиција за која денеска ќе биде поставен камен-темелник, е четвртата од низа најавените инвестиции кои ќе придонесат за раст на економијата и за зголемување на бројот на вработени. Премиерот додаде дека во наредниот период се подготвуваат уштре три нови инвестиции, вкупно седум за 2024 година.
– Веќе отпочнавме неколку инвестиции. Очекуваме денеска уште еден камен-темелник на уште една белгиско-германска инвестиција. Но, во периодот што следи очекуваме почеток на нови инвестиции на компании кои се веќе присутни во земјава. Се очекува проширување на производството на компаниите, проширување на портфолиото на овие компании. Ние како влада ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во тоа бидејќи за мене и за владата нема поголемо задоволство кога ќе отворите ново работно место односно да помогнете некој граѓанин да остане дома наместо да замине – нагласи Мицкоски.
Првите индикатори во економијата за јули и август за него биле охрабрувачки, бидејќи податоците покажале поголемото индустриско производство, со големо учество на преработувачката индустрија.
– Охрабрува 3,8- 4 проценти после неколкумесечниот пад, којшто беше посебно жесток во месеците април, мај, јуни. Сега конечно имаме позитива и очекувам во месец август и во следните месеци до крајот на годината да имаме позитивни резултати за индустриското производство – вели Мицкоски.
Претседателот на Владата додаде дека и во вториот квартал, БДП е 2,3 проценти и е над очекувањата што беа поставени од многу меѓународни финансиски институции.
– Доколку се анализираат сите овие податоци има раздвижување во економијата – изјави Мицкоски.