ПОВЕЌЕ

    Се распаѓа возниот парк на „Комунална хигиена“: 33 хаварисани и 80 неисправни возила

    Време зa читање: 4 минути

    Од 189 специјални комунални возила, само 76 се во возна состојба, а ревизорите предупредуваат и на милионски ненаплатливи побарувања, високи долгови и сериозни организациски слабости

    Само 76 од вкупно 189 специјални комунални возила на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ се во возна состојба. Осумдесет возила се неисправни, а уште 33 се хаварисани, што значи дека 60 проценти од возниот парк е нефункционален, а просечната старост на возилата е 15 години.

    Ова е една од најзагрижувачките констатации во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој изврши ревизија на финансиските извештаи и на усогласеноста на работењето на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ за 2024 година. Поради утврдените неправилности, ревизорите дадоа неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива.

    Во извештајот се наведува:

    „Утврдено е високо ниво на нефункционалност на возниот парк (околу 60% возила вон употреба), односно од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во возна состојба, додека 80 се неисправни и 33 се хаварисани, или 113 возила се нефункционални, со просечна старост од 15 години и намалена способност за генерирање економски користи“.

    Оттаму, и оцената на ревизорите дека е неопходна стратегија за модернизација на механизацијата:

    „Ревизијата истакнува дека се потребни активности насочени кон отстранување на ризиците и проблемите кои подолг период се присутни во работењето на претпријатието, изготвување и имплементација на стратегија за обнова и модернизација на возниот парк, прилагодена на обемот на активности и 24/7 режим на работа, како и воспоставување на систем за континуирано следење на техничката исправност и економската оправданост на одржувањето“.

    Исто така, државните ревизори детектирала и сериозни финансиски слабости. Побарувања во износ од речиси 127,4 милиони денари или околу 2,07 милиони евра имаат значително намалена или неизвесна наплатливост.

    „Доминантен дел од побарувањата, односно побарувања во износ од 127.386 илјади денари има значително намалена или неизвесна наплатливост, како резултат на регистрацијата на корисници без соодветна верификација и склучени договори, како и поради високото учество на вредносно усогласени побарувања од 74,52 % од вкупните побарувања по основ на комунални услуги“.

    Дополнително, претпријатието располага со големи количини резервни делови кои со години стојат неискористени:

    „Од резервните делови на залиха, 40 % се набавени во 2009 година, застарени се и без реална употребна вредност, за кои не е извршено вредносно усогласување“.

    ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ има обврски од 736,9 милиони денари, односно речиси 12 милиони евра што, според ревизорите, сериозно ја нарушува ликвидноста.

    Во извештајот се предупредува:

    „Поради високото ниво на обврски од 736.948 илјади денари и намалената ликвидност, претпријатието се соочува со доцнење во плаќањата кон добавувачите, што резултира со камати, казни и ризик од блокада на сметките, кои ги продлабочуваат загубите и ги ограничуваат инвестициите во возен парк, опрема и инфраструктура“.

    Според анализата на финансиските показатели, претпријатието бележи неповолен однос меѓу приходите и расходите, работи со загуба, има намалена ликвидност, а просечниот рок за наплата на побарувањата достигнал 140 дена, додека обврските се плаќаат во просек по 108 дена.

    Ревизијата констатирала дека поради недобиена согласност за годишните планови за вработување, во текот на 2024 година претпријатието преку приватна агенција ангажирало 354 лица, за што биле исплатени 185,7 милиони денари, односно повеќе од 3 милиони евра.

    Според ревизорите, тоа „укажува на непостојаност на човечките ресурси кои треба да ги извршуваат редовните работни задачи во претпријатието“.

    Освен тоа, утврдени се и неправилности во пресметката на платата на директорот, како и кај исплатата на прекувремената работа на административните службеници.

    ДЗР открил и пропусти во евиденцијата на имотот. Не е обезбедено правото на сопственост за дел од недвижностите, а во деловните книги не е евидентирана опрема – полуприколки регистрирани на претпријатието – во вредност од 29 милиони денари, односно околу 472 илјади евра.

    Дополнително, главнината од 223 милиони денари е преземена уште со делбениот биланс од 1992 година, но за неа недостасува соодветна документација и не е запишана во Централниот регистар.

    Државниот завод за ревизија до надлежните институции и до раководството на претпријатието доставил препораки за отстранување на утврдените слабости и подобрување на финансиското и оперативното работење.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично