Три луксузни апартмани во комплексот „Панорама резиденс“ на Водно, кои му беа конфискувани на поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Плацеви на Водно“, повторно ќе се најдат на јавно наддавање. Агенцијата за управување со одземен имот закажала разгледување на становите на 16 јули, а лицитацијата ќе се одржи на 29 јули. Државата смета дека ќе успее да инкасира најмалку 2,457 милиони евра, колку што изнесува вкупната почетна цена на недвижностите.

Станува збор за три апартмани со вкупна површина од околу 750 квадратни метри, сместени во една од најлуксузните станбени згради во Скопје. Најмалиот апартман располага со 155 квадратни метри станбен простор и 95 квадратни метри тераса, а почетната цена е 760.000 евра.

Другите два стана се речиси идентични. Едниот има 199 квадратни метри и тераса од 48 квадратни метри, со почетна цена од 847.000 евра, додека третиот има 200 квадратни метри и исто така 48 квадратни метри тераса, а наддавањето ќе почне од 850.000 евра.

Ова не е прв обид за продажба на овие недвижности. Два од апартманите и претходно беа понудени на аукција, но без заинтересирани купувачи. За разлика од нив, двата стана на улицата „Бихаќка“, исто така одземени од Груевски, беа успешно продадени минатата година.
Луксузните станови на Водно беа конфискувани со правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“, во кој Никола Груевски беше осуден на девет години затвор. Според пресудата, незаконски прибавени партиски средства биле користени за купување атрактивно градежно земјиште и недвижности, по што судот наложи нивно трајно одземање во корист на државата.
(Фото: Агенција за управување со одземен имот)
Аналитика








