Владимир Пецовски купил, „Настел“ продал акции издадени од фармацевтската компанија „Реплек“. Во сопственост на првиот акционер се 6,33, а на вториот 8,39 проценти од вкупниот број акции. Тоа е последната состојба по реализираните берзански трансакции.
Преку Македонска берза од „Реплек“ информираа дека Пецовски, по стекнатите три нови, поседува вкупно 16.413 акции. А, по продадените 99, на „Настел“ му останале 21.753 акции.
Чести се објавите за купопродажните активности на овие двајца акционери. Владимир, братот на генералниот директор Душан Пецовски, во континуитет ги зајакнува позициите во акционерската структура на „Реплек“. Во текот на минатиот месец, во четири наврати купил девет нови акции.
„Настел“ на бизнисменот Зоран Азманов, се чини дека полека се повлекува од фармацевтскиот бизнис. Со зачестена продажба почна во јули, неколку дена пред поделбата на акциите што ја направи компанијата во однос еден спрема десет. Па, во три недели реализира четири трансакции со 2.078 продадени акции. Во август се работи за количина од 345 акции распоредени во две трансакции.
Инаку, во текот на вчерашниот ден акцијата на „Реплек“ постигна просечна цена од 14.999 денари.