ПОВЕЌЕ

    ГОЛЕМИ РАЗЛИКИ ВО ЦРНА ГОРА: Од сместување за 20 евра до лежалки за 250 евра

    Време зa читање: 5 минути

    Генерацијата израсната во Југославија секогаш со радост ќе се сеќава на деновите поминати на „наше море“, покрај јадранската ривиера. Но, за жал, од година во година, цените стануваат сè повисоки, а условите за пријатен престој се влошуваат. Многу често паркинзите се приватни, а цената е од 5 евра за целодневен престој до 5 евра за час во зависност од локацијата. Некогашните бисери на црногорското приморје, барем според цените, прераснуваат во монденски летувалишта, а за узурпацијата на просторот на плажите, кои се пренатрупани со ресторани и хотели, се жалат и мештаните коишто во своето родно место не можат да стават крпа на плажа.

    Цените се зголемуваат како што се оди од југ кон границата со Хрватска. Понудата е многу шаренолика, па цените одат од 20 евра за ноќ до над стотина евра. Приказната е иста и со паркинзите, лежалките и рестораните. Колку појужно, толку е поевтино. Па така, и покрај генералниот впечаток што го делат и самите угостители, кои даваат изјави за црногорските портали дека цените се повисоки за 20 насто во однос на минатата година, во Црна Гора сепак може да се најдат и пристојни понуди за поскромен џеб.

    УЛЦИЊ Е НАЈЕВТИН

    Пари ја разгледа понудата за сместување во Црна Гора на почетокот од август. Во Улцињ може да се најде сместување дури и за 20 евра за двајца на 2 километри од плажата и скромен простор од 19 квадратни метри. Но, од Улцињ нема директен близок пристап до морето. Сепак, поатрактивните сместувања се по 35 евра за ноќ, што сè уште е најниска цена, не само за Црна Гора, туку и за другите туристички понуди во регионот.

    Во Бар, односно во Шушањ, сместувањата почнуваат од 30 евра дневно без кујна и 40 евра со кујна. Но, за да се стигне до најблиската плажа Жукотрлица треба да се пешачи 20 минути. Добро е што може да се оди и со автомобил, а има паркинг.

    Слични се цените и во Сутоморе, од 20, 30 евра па до 50-ина евра за ноќ, но има и понуди што се сметаат за поатрактивни, со цена од 150 евра за ноќ.

    Во популарниот Петрoвац, сега цените близу морето се по 70 евра за ноќ.

    Пржно и Милочер отсекогаш важеле за престижна локација, а ако сега се уплаќа августовски аранжман за таму не може без најмалку 100 евра дневно. Пржно е на само 6 километри јужно од Будва. Поседува мала песочна плажа во самото село, а во близина е и познатата плажа Каменово и кралската плажа во Милочер.

    Куќите во близина на Свети Стефан се резервирани, а она што останало во понуда чини од 150 до 1.600 евра дневно!

    Првата асоцијација на Црна Гора сè уште е Будва. Но, ако сместувањето не е во близина на плажа за да може пеш да се стигне до неа, тогаш има проблеми со скапи, а и преполнети паркинзи. Сместувањата во близина на плажа се над 150 евра дневно, а подалеку може да се најде сместување и за 70 евра дневно. Сепак, преку македонските туристички агенции може да се најдат седумдневни аранжмани за почетокот на август со цени од 240 евра по лице, со вклучен превоз.

    Во Тиват нема сместување под 65 евра, а во Котор под 50 евра, и тоа на 2 километри од плажа.

    СКАПИТЕ ЛЕЖАЛКИ ГО ОКУПИРАА ПРОСТОРОТ НА ПЛАЖИТЕ

    Но, сместувањето е само една ставка во целиот одмор. Сè почесто лежалките се задолжителна ставка затоа што просторот каде што може да се стави сопствена опрема за плажа, станува сè помал. Ова не само што ги мачи туристите, туку и луѓето што живеат таму или имаат станови на црногорското море.

    ‒ Јас имам стан во една населба во близина на Тиват. Таму сме 300 семејства. Порано имавме нормална, широка плажа. Сега хотелите и рестораните тврдат дека таа е нивна. Слободен простор речиси и да нема, – вели нашата соговорничка.

    Цените на лежалките се пониски во Улцињ, каде што сет сè уште може да се најде за 10 евра, но што ќе се случи во август допрва треба да се види. Но, неретко на црногорското приморје лежалките се и по 20 и повеќе евра. Најголем куриозитет е плажата кај Свети Стефан, каде што цената на лежалките достигнува и 250 евра за пар.

    Претходните години лежалките и чадорите беа бесплатни по 17 часот за сите посетители на плажата, а изнајмувачите беа должни да ги истакнат овие информации на информативната табла.

    ОХРИД ВО ПРЕСРЕТ НА ИЛИНДЕН: Среќа е да се најде сместување за 50 евра, цени и од над 250 евра за ноќ

    Според порталот РТЦГ, тие сè повеќе добиваат поплаки од граѓани и туристи дека им било наплатено користење лежалка за плажа по 17 часот. Иако не добиле никакво појаснување од ЈП „Морско добро“ во врска со плаќањето, Договорот за користење на морскиот имот за сезоната 2026 го обврзува закупецот да им обезбеди бесплатно користење на мебел за плажа на граѓаните на Црна Гора по 17 часот, со документ за идентификација.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично