ПОВЕЌЕ

    Раздвиженост во групите на ПИОМ – Над девет илјади пензии преминале на повисоко ниво

    Време зa читање: 4 минути

    Со владините мерки се поткрепени најкритичните случаи, а пензонерските протести се прелеаја во партиско-политичките препукувања. Ова е суштината на коментарите кои ги даваат одделни пензионери од различни здруженија, како одговор на прашањето – што го стивна незадоволството – зимата, празниците, антикризниот пакет… или можеби ја губат енергијата. Дополнети со зборовите, „кога човек оди во пензија сите го забораваат, прва државата“.

    Сепак, велат, „доаѓаат нашите пет минути“, алудирајќи на претстојните избори и кампањата. Период во кој, според досегашното искуство, главните политички протагонисти настапуваат со полни торби ветувања наменети за најсигурниот и најсовесен дел од гласачкото тело. Се оградуваат од меѓупартиските препукувња, укажувајќи дека се многубројни пензионерите кои имаат егзистенцијални проблеми, кои на политичкиот простор се користат во ловот на гласови и поени.

    Не ги заборавиле и не отстапуваат од барањата – линеарно зголемување од пет илјади за сите, утврдување минимална пензија во износ од 18 илјади денари, бесплатно здравство. Велат, повторно ќе се слушне нивниот глас. Но, сметаат, сега не е погоден момент за какви било активности, токму поради предизборието, во кое „ништо не се зема здраво за готово“.

    Порталот „Пари“ ги анализираше последните податоци од Фондот за пензиското и инвалидско осигурување. Оттаму и согледувањето – егзистенцијалните проблеми за кои зборуваат, најмногу ги засегаат оние 86.424 пензионери – бројка од декември 2023, кои статистиката на ПИОМ ги води како корисници на најниски законски пензии. Нивниот распон е од 12.528 до 16.058 денари, зависно кога кој се пензионирал. Со тие пари живеат повеќе од една четвртина од сите пензионери во државата, чиј број во последниот месец од минатата година е 337.814.

    Просечната исплатена пензија во декември е 20.195 денари и е за 13 денари пониска од ноемвриската. Вообичаено, со најнизок просек се земјоделските, а со највисок воените пензии. Од март ќе бидат повисоки, бидејќи тогаш ќе има усогласување на пензиите со движењата забележани кај трошоците на живот и просечната плата.

    Податоците на Фондот за пензиското и инвалидско осигурување покажуваат дека за еден месец значително е намален бројот на лицата со пензии до 12.528 денари. Од 23.476 во ноември, на 17.171 во декември. Со тоа, нивното учество во корисничката структура е 5,08 отсто (7% претходно).

    Затоа, има зголемување (за 9.546) кај корисниците на пензија во висина до 16.058 денари. Во последниот месец лани се 126.405, а во претпоследниот биле 116.859, па во структурата партиципираат со 37,42 проценти (во ноември 35,85%). Воедно, ова е и најголемата група.

    Од другата страна, со само 0,79 отсто, се 2.680 корисници на пензија од над 54.588 денари. Оптимистички делува податокот дека и тука има месечно движење по нагорна линија. Групата е зголемена за осуммина пензионери.

    Највисоката пензија во државата е во износ од 73.503 денари. Ја примаат 75 лица (за еден повеќе во споредба со ноември). Како семејна пензија ја користат тројца пензионери, инвалидска – еден, а како старосна 71 лице.

    Во текот на последниот месец од 2023 година друштвото на пензионерите е надополнето со 2.002 нови лица – 1.335 мажи и 667 жени. Податокот од темната статистика, пак, вели – во декември се одјавиле 1.006 пензионери и 302 пензионерки, вкупно 1.308.

    Во меѓувреме, пензионерите кои под принуда на ниските примања ги одбројуваат деновите до наредната пензија, ја добија втората доза помош од државата. Над сто илјади лица, со пензии до 19 илјади денари, уште три месеци ќе добиваат по 1.500, две или три илјадарки. Последната парична поддршка ќе ја добијат во април. Веројатно, периодот на реализација на самата мерка е темпиран со претстојното усогласување на пензиите.

    Што би рекла доскорешната министерка за труд и социјална политика – „март доаѓа, ќе имаме повторно покачување на пензиите…“.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично