Десет лица се приведени во заедничката операција на македонската и српската полиција со кодно име „Вардар“ за разбивање на криминална група за фалсификување пари.
Пронајдени се и одземени парични средства во износ од околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски круни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 рубљи. Воедно се пронајдени топли ваљаци, преси, ЦНЦ машина за изработка на калапи и жигови со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, пиштол, куршуми, ќесиња со прашкаста бела и кафеава материја, телефонски апарати, сим – картички, УСБ, детектор за фалсификувани банкноти, холограми, бројачи на пари, други предмети за фалсификување пари и лаптопи кои ќе бидат предмет на вештачење.
Заеднички истражен тим од Македонија и Србија по повеќемесечна меѓународна соработка, од утрово спроведуваше координирани активности за разоткривање на криминална група што се занимавала со фалсификување и нудење на пазар на европска валута – евро во различни апоени. Координацијата и спроведувањето на активностите на македонската територија се под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Биле извршени 23 наредби за претреси на лица и домпви и притоа обезбедиле материјални докази.
Операцијата се надоврзува на претходната операција од август минатата година спроведена од ОЈО Скопје и косовското Специјално обвинителство, кога беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите, а во Косово беше уапсен македонски државјанин кој ги произведувал и пуштал во оптек.
Истовремено, во акцијата во Република Србија се извршени претреси на повеќе локации во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица и притоа се приведени шест членови од криминалната група, а запленети се 180.000 фалсификувани евра.
(Фото: МВР на Република Србија)