Виетнамскиот врховен суд ја потврди смртната казна за тајкунката со недвижности Труонг Мај Лан која бараше да ѝ биде заменета смртната казна во доживотен затвор. Лан беше осудена на смрт откако проневерила милијарди долари преку голема банка во Хо Ши Мин, главниот град на Виетнам.
Последниот зрак на надеж за осудената милијардерка е одредбата на виетнамскиот закон, кој вели дека на Лан сепак може да ѝ биде намалена казната ако успее на државата да ѝ врати најмалку 75 отсто од имотот,што е сума од повеќе од 9 милијарди американски долари.
Милијардерката која водеше огромен бизнис со недвижнини, Виетнамката Труонг Мај Лан проневерила 12,5 милијарди американски долари – што е речиси 3 отсто од бруто домашниот производ на Виетнам во 2022 година.
Според тогашните обвинители, вкупната штета предизвикана од измамата изнесувала речиси двојно повеќе од таа сума.
Лан вети дека ќе ги врати долговите од милијарди, но во вторникот судијата пресуди дека случајот носи „исклучително сериозни последици“.
За време на сослушувањето во Високиот народен суд во Хо Ши Мин, судијата рече дека „нема основа за намалување на смртната казна“.
Лан сè уште се обидуваше оваа недела да собере најмалку три четвртини од проневерените средства. Според виетнамскиот закон, доколку ги врати парите, казната сепак може да и биде заменета во доживотен затвор.
ОД ПАЗАРОТ – ДО ЅВЕЗДИТЕ, ПА ВО ЗАТВОР
Лан, родена во 1956 година, заедно со нејзината мајка била продавачка на козметика на најстариот пазар во Хо Ши Мин, а парите ги вложувала во недвижнини.
Во 1992 година таа ја основа и претседаваше компанијата за недвижнини Van Thinh Phat Group, која сега е една од најбогатите фирми за недвижнини во Виетнам.
Раширената империја на компанијата вклучува повеќе хотели со пет ѕвезди, луксузни апартмани, канцеларии и трговски центри.
Еден од нив – резиденцијата Шервуд во Хо Ши Мин Сити, полн со базени, фитнес центри и кино – беше резиденцијата на Лан до нејзиното апсење.
Лан ја контролираше најголемата банка во градот по имот, акционерската трговска банка Саи Гон, од 2012 до 2022 година.
Самото постоење на банката беше благодарение на помошта на Лан.
Една година пред преземањето, Лан – клучен играч во финансиската индустрија на земјата – организираше спојување на загрозената SCB банка со двајца други заемодавачи, во координација со виетнамската централна банка. Токму овој потег, според обвинителите, ја ставил на чело на софистициран криминален потфат.
Лан беше обвинета дека индиректно поседува повеќе од 90 отсто од банката, обвинение што таа го негира. На хартија, таа поседуваше само 5 отсто од акциите, но судот пресуди дека таа го имала лавовскиот дел преку семејството, пријателите и персоналот.
Помеѓу 2012 и 2022 година, таа ја користеше банката како нејзина готовина, одобрувајќи заеми на илјадници „компании духови“ и во Виетнам и на меѓународно ниво.
Таа потоа им плаќала мито на владини претставници за да и ги прикријат трагите. Еден од тие функционери е осуден на доживотен затвор за земање милиони долари мито.
Нејзиниот возач, објавија државните медиуми, транспортирал еквивалент на повеќе од 4,4 милијарди американски долари во готовина од седиштето на SCB до нејзиниот близок дом и до централата на Van Thinh Phat.
Според судот, дејствијата на Лан ја „втурнале СЦБ во состојба на специјална контрола“, намалувајќи ја „довербата на луѓето во раководството на [Комунистичката] партија и државата“.
Националната акција за борба против корупцијата наречена „запалена печка“ доведе до апсење на бројни функционери и членови на бизнис елитата на Виетнам. Заедно со Лан, 85 други беа осудени по низа обвиненија, од поткуп до злоупотреба на моќ, до присвојување, до прекршување на банкарскиот закон.
Судењето на Лан започна на 5 март оваа година. Таа се изјасни за невина по обвиненијата за проневера и поткуп.
Властите соопштија дека 2.700 луѓе биле повикани да сведочат, а биле вклучени стотици адвокати. Доказите изнесуваат 104 кутии тешки шест тони, јави Би-Би-Си.
Лан беше осудена на смрт од судот во Хо Ши Мин во април.
Државните медиуми објавија 11 смртни казни во Виетнам од 2010 година, а смртната казна се применува за повеќе од триесетина прекршоци, вклучувајќи убиство, силување, корупција и измама.
Сепак, според извештајот на Виетнамскиот комитет за човекови права, статистиката за смртна казна е класифицирана како „државна тајна“.
ЌЕ ЈА ИЗБЕГНЕ ЛИ СМРТНАТА КАЗНА?
Според виетнамскиот закон, таа сепак би можела да ја избегне смртната казна ако врати најмалку 75 отсто од имотот – сума од повеќе од 9 милијарди американски долари.
Таа му кажа на судот во Хо Ши Мин минатата недела дека „најбрзиот начин“ за отплата на средствата ќе биде „ликвидација“ на SCB и продажба на нејзиниот имот.
„Се чувствувам болно поради трошењето на националните ресурси“, рече таа, додавајќи дека се чувствува „многу засрамена“ од обвиненијата.
Секоја вечер се уште се чувствувам измачено и се прашувам зошто јас и моето семејство сме во ваква ситуација“.
Нејзините адвокати се залагаат за попустливост на финансиска основа, велејќи дека ќе и биде полесно да ги врати парите доколку ѝ биде изречена доживотна казна затвор.
„Вкупната вредност на нејзините имоти всушност ја надминува потребната сума за компензација“, изјави адвокатот Нгуен Хју Тип за Би-Би-Си.
„Меѓутоа, овие бараат време и напор за да се продадат бидејќи многу од средствата се недвижен имот и потребно е време да се ликвидираат“.
Нејзиниот адвокат рече дека таа ја признала вината и покажала каење, но обвинителите рекоа дека последиците од нејзините постапки се „без преседан“.
Четириесет и седум други лица исто така поднесоа жалби во обид да добијат полесни казни.