Службите за итна помош извлекле неколку тела во источниот регион на Шпанија, Валенсија, откако поројните дождови кои веќе неколку дена врнат во областа предизвикаа поројни поплави, соопшти шефот на регионалната влада, пренесува агенцијата Франс Прес. „Можеме да потврдиме дека некои тела се веќе пронајдени“, изјави Карлос Мазон пред новинарите, без да каже колку.
Властите не можеа да дадат повеќе детали додека роднините не бидат информирани, додаде тој.
Силен дожд зафати голем дел од источна и јужна Шпанија во вторникот, поплавувајќи ги улиците со матна вода и го наруши железничкиот и воздушниот сообраќај.
Сликите снимени од жителите со смартфони и емитувани на шпанската телевизија покажуваат како побеснетата вода носи автомобили и поплавува згради.
Во некои области, во еден ден паднало поголемо количество на дожд од месечно количество, објавија шпанските медиуми. „Се соочуваме со невидена ситуација, на која никој не се сеќава“, рече Мазон.
Официјални лица во вторникот соопштија дека најмалку седум лица се водат за исчезнати – возач на камион во регионот на Валенсија и шест лица во градот Летур во источната провинција Албасете.
Вработените во итните служби поддржани од дронови ќе работат во текот на ноќта за да ги бараат исчезнатите во Летур, изјави претставникот на централната влада во Кастиља-Ла Манча, Милагрос Толон, за шпанската јавна телевизија ТВЕ. „Приоритет е да се најдат овие луѓе“, додаде таа.
Централната влада на Шпанија формираше кризен комитет кој за прв пат се состана доцна во вторникот за да го превиди одговорот на невремето.
Владата распоореди воена единица специјализирана за спасувачки операции, во Валенсија за да им помогне на локалните служби за итни случаи.
Градското собрание на Валенсија соопшти дека сите училишни часови и спортски настани се прекинати во среда, а парковите ќе останат затворени.
Дванаесет летови кои требаше да слетаат на аеродромот во Валенсија беа пренасочени кон други градови во Шпанија поради силниот дожд и силниот ветер, соопшти шпанскиот аеродромски оператор Аена.
Откажани се уште 10 летови кои требаше да полетаат или да пристигнат на аеродромот.
Националниот оператор за железничка инфраструктура АДИФ соопшти дека ги суспендирал сите железнички услуги во регионот на Валенсија „додека ситуацијата не се врати во нормала за безбедноста на патниците“.
Брзите возови меѓу Мадрид и градот Валенсија ќе бидат во прекин до „најмалку“ 10 часот во среда поради последиците од невремето, се додава.
Воз со голема брзина со 276 патници излета од шините во јужниот регион на Андалузија, иако нема повредени, се вели во соопштението на регионалната влада.
Службите за итни случаи користеле хеликоптери за да ги подигнат луѓето од домовите и автомобилите во Алора во Андалузија по излевање на река.
Државната метеоролошка агенција АЕМЕТ прогласи црвен аларм во регионот на Валенсија и втор највисок степен на тревога во делови од Андалузија. Поради поплави во двата региона беа пресечени неколку патишта.
Метеоролозите соопштија дека бурата е предизвикана од студениот воздух кој се движи над топлите води на Средоземното Море, што создава интензивни дождовни облаци.
Врнежите се очекува да продолжат најмалку до четврток.
Научниците предупредуваат дека екстремните временски услови како топлотни бранови и бури стануваат поинтензивни како резултат на климатските промени.
(Фото: iNews)