Со депозитна база од 1,8 милијарди евра располага Стопанска банка Скопје, а како кредитна поддршка на крајот од третиот годинешен квартал се пласирани 1,6 милијарди евра. И покрај тоа што во однос на истиот лански период износот на одобрените кредити се зголемил за сто милиони евра, приливите што доаѓаат по линијата на пресметаните камати се намалиле за седум проценти. Таков ефект предизвикал падот на каматните стапки. Тоа, понатаму, се одразило и кај добивката, чиј нето-износ од 13,5 милиони евра е понизок за 3,29 отсто.
Од Банката оценуваат дека и во првиот квартал од 2025 година продолжиле со остварување солидни резултати и висока профитабилност. Во таа насока посочуваат и на двете нивоа на реализираната добивка: пред оданочување и резервации од 20,1 милион евра, што е за 8% помалку споредено со претходната година; и пред оданочување од 15,9 милиони евра, што е за два проценти повеќе од споредбениот период. За исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност издвоени се нето 4,1 милион евра, износ помала за 34% на годишно ниво.
Кај приходната страна, најважните банкарски приходи од наплатените камати партиципираат со нето 23,7 милони евра. Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 3,2 милиони евра и се намалени за 8%. За високи 91% се зголемиле нето-приходите од курсни разлики кои достигнуваат 953,8 илјади евра. Повисоки во однос на споредбениот период се и останатите приходи од дејноста, кои на Банката и обезбедиле 2,6 милиони евра.
Најголемите трошоци на Банката се запишани кај останатите расходи од дејноста – 4,3 милиони евра, како и за вработените од пет милиони евра, и за 9% се повисоки во однос на истиот период од претходната година.
На последнот ден од март вкупната актива на Стопанска банка Скопје изнесува 2,36 милијарди евра.
„Фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите“, велат од Стопанска банка Скопје.