ПОВЕЌЕ

    ПОЗИТИВЕН ПРЕСВРТ: По загубата од два милиони, добивка од 700 илјади евра – Како Стопанска банка Битола излезе од минус?

    Време зa читање: 2 минути

    Голем исчекор на малата банка. Добивка од речиси 700 илјади евра оствари Стопанска банка Битола на крајот од третото тримесечје. Високо достигнување во споредба со ланскиот минус од близу два милиони евра.

    Добивката од 42,69 милиони денари е заснована на „задржаниот висок оперативен резултат (од 100,28 милиони денари), засилената активност за наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година“, образложуваат од Стопанска банка Битола.

    Во деветмесечното работење за 3,44 насто се зголемени нето-приходите од камати, кои достигнуваат износ од 346.637.000 денари (5,6 милиони евра). Во тие трамки приливите од камати се повисоки за 5,88 проценти, односно забележани се 456.653.000 денари (7,4 милиони евра). Трошоците за камати, пак, се поголеми за 14,35 насто, како што посочуваат од Банката, поради засиленото штедење на населението.

    Пад од 19,24 отсто има кај нето-приходите од провизии и надоместоци, кои изнесуваат 1,26 милиони евра и за 16,64 отсто кај приливите од курсни разлики.

    Банката успеала и да ги намали трошоците – поголемата продуктивност ги скусила давачките за вработените за 4,06%; останатите расходи од дејноста се пониски за 13,08%; а амортизацијата за 15,59%.

    „Одразувајќи ги движењата на приходни и расходни билансни позиции, Банката во периодот 1.1.2024 – 30.9.2024 година оствари одлични ликвидносни и капитална показатели. Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 30.9.2024 година изнесува 26,35%, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 41,39% и се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор“, нагласуваат од СТББТ, додавајќи дека силната капитализираност и ликвидност се главен предуслов за одржување на долгорочна финансиска стабилност и идно успешно работење. Во кое на прво место се потребите на клиентите.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично