ПОВЕЌЕ

    ПО ТРИ ОПОМЕНИ ОД БЕРНСКАТА КОНВЕНЦИЈА ЗА ОХРИД, СТАСА УЛТИМАТУМ ЗА ВЛАДАТА: Запрете се’, додека не дојде нашата мисија!

    Време зa читање: 4 минути

    Минатата недела се одржа 42-та сесија на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција при Советот на Европа, на која се разгледуваше и отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Галичица. За време на дискусијата за овој случај претставниците на неколку држави (Германија, Австрија, Полска, Словачка, Шведска) дополнително посебно ја изразија загриженоста за состојбата на Охридското Езеро и Галичица и испратија порака дека државата мора да ја сфати сериозноста на случајот, ја информираше јавноста еколошката организација Фронт 21/42 за случајот со Охридскиот Регион.

    МАКЕДОНИЈА НЕ МРДА СО ПРСТ ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    Бернската конвенција на Советот на Европа е обврзувачки меѓународен правен инструмент на полето на зачувување на природата, чиј потписник е и Македонија, кој го покрива најголемиот дел од природното наследство на европскиот континент и се протега на некои држави од Африка. Конвенцијата на Советот на Европа за зачувување на европскиот див свет и природните живеалишта (1979), или Бернската конвенција, беше првиот меѓународен договор за заштита на видовите и живеалиштата и за зближување на земјите за да одлучат како да дејствуваат во однос на зачувувањето на природата.

    Во одлуката која Комитетот ја усвои на 02.12.2022 се изразува длабока загриженост за влошената состојба на подрачјата, но и за фактот што Владата до неодамна (октомври 2022) не беше ни свесна дека случајот е отворен речиси цела година, наведуваат од организацијата. Уште еднаш се потврдува потребата за итна мисија на терен, кон која постои можност да се приклучат и експерти од Конвенцијата на УНЕСКО и Рамсарската Конвенција, а до мисијата на терен, предвидена за пролет 2023 година.

    Постојниот Комитет бара времено одложување на усвојувањето на клучните документи; запирање на секакви активности за понатамошна урбанизација и/или други градби, вклучувајќи ги и административните процедури за нив и легализација на дивоградбите.

    На потег е Владата, овој пат да си ја исполни меѓународната обврска (како што и налага и Уставот) и да ја спроведе Одлуката на Бернската Конвенција, односно итно да усвои Одлука за запирање на секакви активности за понатамошна урбанизација (и други градежни работи) и легализација на дивоградбите – сè додека не се усвојат препораките на мисијата на терен; како и Одлука за привремено запирање на постапките за документите кои имаат влијание врз Охридското Езеро и Галичица, како Законот за Студенчишко Блато, Стратешкиот план за рехабилитација на Светското наследство, итн, велат од Фронт 21/42. Како организација која го поднесе и води овој случај, сметаме дека е поразително тоа што меѓународната заедница има неспоредливо поголема почит кон и грижа за нашето најголемо природно богатство отколку домашните институции на кои тоа им е должност, нагласуваат тие.

    ВЛАДАТА ЈА ЗАБОРАВИ ЗАШТИТАТА НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН

    Бернската Конвенција само во текот на 2022 година двапати ја опоменала Владата дека не им испратила одговор кога ќе можат да ја реализираат посетата на Охрид и да утврдат во каква состојба се наоѓа градот заштитен од УНЕСКО како Светско културно и природно наследство. Земјава веќе еднаш доби ваква опомена во мај годинава, откако го пропушти рокот за одговор до Конвенцијата во февруари.

    Како што се наведува во последната Одлука за Охридско Езеро и Галичица, усвоена од страна на Бирото на Постојниот Комитет во септември, македонските власти освен што не потврдиле кога ќе ги пречекаат меѓународните експерти на Конвенцијата, на кои е најавено дека ќе им се приклучат и претставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција, туку не ги доставиле ниту задолжителните извештаи до конвенцијата.

    По жалба поднесена во 2016 година од страна на граѓанска организација Фронт 21/42, Бернска Конвенција минатата година во декември отвори случај против земјава за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица. Очигледната негрижа за Охридскиот Регион беше истакната и во последниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на С. Македонија. Во Извештајот, меѓу другото се констатира дека не се спроведуваат препораките од УНЕСКО и од нашата држава се бара посилна посветеност и од централата и од локалните власти. Во извештајот е нотиран и новоотворениот случај од страна на Бернската Конвенција за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично