
Шест години по пропаѓањето на Еуростандард банка, случај кој на клиентите им предизвика штета од повеќе десетици милиони евра, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против бизнисменот Трифун Костовски и уште две лица за кривичното дело „предизвикување стечај на банка“, додека четврто лице е обвинето за несовесно работење во службата.
Во соопштението на ОЈО ГОКК не се наведени имињата на лицата кои се повикуваат на одговорност, но согласно тогашната хиерархиска поставеност, првообвинет е Николчо Петковски, второобвинет – Коста Костовски, третообвинет – Зоран Николовски, а четвртвртиот обвинет за несовесно делување е Трифун Костовски.
„Според обвинителниот акт, првообвинетиот како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, второобвинетиот како претседател на Кредитниот одбор и третообвинетиот како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година, постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката. Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на Еуростандард Банка АД Скопје. Со ваквото постапување придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1.662.417.664 денари“, наведуваат од Обвинителството.
Трифун Костовски, како претседател на Надзорниот одбор, не извршувал соодветен надзор и дозволил преземање прекумерни кредитни ризици и погрешно прикажување на финансиската состојба на банката.
„Според обвинителниот предлог, четвртообвинетиот, во својство на претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард Банка АД Скопје, во периодот од 2013 до 2019 година, со несовесно вршење на своите овластувања и пропуштање на должен надзор, постапувал спротивно на обврските утврдени со Законот за банките. Со тоа овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба на банката и непочитување на законските и интерните процедури при кредитирањето, со што придонел за создавање видлива несолвентност, намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон“, пишува во соопштението на ОЈО ГОКК.
Пред речиси шест години, на 12 август 2020 година, Народната банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка, поради тоа што не ги исполнувала минималните законски услови за работење и поради утврдена несолвентност, по што беше поведена стечајна постапка. Централната банка тогаш оцени дека биле исцрпени сите можности за спас на банката и дека одземањето на дозволата било единственото законско решение.
Во моментот на затворањето беше соопштено дека преку Фондот за осигурување на депозити ќе бидат обесштетени 136.619 депоненти, односно 99,4 отсто од сите штедачи, со околу 4,4 милијарди денари. А, 780 депоненти имаа депозити над законскиот лимит за обесштетување од 30.000 евра.
По стечајот, Костовски водеше јавна кампања во која тврдеше дека банката не пропаднала поради нејзиното работење, туку поради одлуките на Народната банка и тогашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска. Притоа посочуваше дека централната банка уште една година претходно донела одлука да ја ликвидира Еуростандард банка и дека акционерите, по барање на регулаторот, вложиле дополнителни 11 милиони евра иако, според него, однапред било решено банката да биде затворена. Најавуваше и тужби против државата пред меѓународни судови.
Народната банка ги отфрлаше овие обвинувања, оценувајќи дека затворањето било исклучиво резултат на неисполнување на законските критериуми за работа и дека со тоа била заштитена стабилноста на банкарскиот систем. Подоцна и Управен суд ја одби тужбата на Еуростандард банка против одлуката за одземање на дозволата за работа.
Со денешното обвинение случајот влегува во судска фаза, каде што ќе се оценува кривичната одговорност за околностите што доведоа до стечајот. Инаку, истрагата против сега веќе обвинетите лица од менаџментот беше отворена во февруари 2021 година. Поради бавноста на процесот реагираа од Здружение на оштетени штедачи Еуростандард. Последен пат се огласија во март годинава, укажувајќи дека пет и пол години се во исчекување на правдата:
„Ова веќе не е само случај на пропадната банка. Ова е тест дали во Македонија правдата важи и за моќните. Ако и овој случај остане без епилог, пораката ќе биде поразителна: во оваа држава најлесно неказнети остануваат токму оние што предизвикуваат најголема штета. Оштетените не бараат политички спектакл. Бараат вистина, одговорност и правда“.
M.A.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Фудбалот, анкетите и берзата: кога одлуката се носи под притисок, грешките стануваат скапи
Аналитика








