ПОВЕЌЕ

    Петте најдобри компании во земјава лани имале профит од 260 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Најголемата генерирана добивка на една компанија во земјава изнесувала повеќе од 78 милиони евра на годишно ниво – лежи на „контото“ на странска фирма. Но, меѓу најпрофитабилните Топ 100 компании во земјава има и такви што се во државна сопственост.

    Топ компании со најголеми профити во земјава

    Странската компанија – Друштво за производство, трговија и услуги ЏОНСОН МЕТИ ДООЕЛ Скопје која котира на прво место според висината на остварените приходи во 2019  година, се наоѓа на прво место и според износот на добивката која лани била 77 милиони евра. Додека во 2019 година оваа странска компанија котира на првото место, во 2018 година според остварената добивка била на втората позција.

    Со профит во износ од  66,2 милиони евра на втората позиција  е Друштво за трговија ЦМК Европа ДООЕЛ Скопје во која просечно имало само двајца вработени во текот на минатата година. Оваа фирма се занимава со дејност трговија на метали и метални производи.

    На трето место со прикажана добивка во висина од 46 милиони и 910 илјади евра е Јавното претпријатие за Државни патишта, фирма која е државна  и која виско котира и според остварените приходи во 2019 година. Оваа државна фирма лани котирала на четвртото место според искажаната добивка.

    Со добивка во висина од 41 милион и 510 илјади евра, на четвртото место од ранг – листата најпрофиталбилни фирми во земјава, е компанија која доаѓа од рударскиот сектор – Рудник САСА ДООЕЛ Македонска Каменица, компанија која е рангирана на 19то место според приходите.

    На петто место со добивка во износ од 34 милиони и 040 илјади евра е странската ЕВН Македонија Акционерско друштво за услуги Скопје– фирма која е високо рангирана и според износот на вкупните остварени приходи.Во однос на 2018 година, оваа компанија од енергетскиот бизнис регистира значаен пораст на добивката, со што рејтингот од деветата позиција во 2018 година го подобрува со скок на петто место во 2019 година.

    Овие пет компании минатата година направиле вкупен профит од 265,6 милиони евра.

    Со добивка во износ од скоро 27 милиони евра, на шестото место се наоѓа Македонски Телеком  Акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје, фирма под странска доминација која се вбројуваше и во првите десет според остварените приходи лани. Оваа компанија и во 2018 година го задржува шестото рејтинг место на листата Топ фирми со најголеми добивки.

    На седмо место со добивка од 24 милиони и 166 илјади евра е уште една странска фирма – СИНОХИДРО КОРПОРЕЈШН ЛИМИТЕД Пекинг – Подружница Скопје која доаѓа од градежниот бизнис – нискоградба. Според остварените приходи во 2019  година котира на 36 то место. Според профитабилноста се наоѓа на седмо место и лани и во 2018 година.

    Со профит во износ од близу 20 милиони и 300 илајди евра, на осмо место е Цементарница УСЈЕ АД Скопје – уште една компанија со странско сопствеништво. Според висината на остварените приходи во 2019 година котирала на 32 то место. Усје лани во однос на 2018 година ја подобрила позицијата на профитабилност,  кога била на 11 то место.

    На деветто место со добивка од 20 милиони и 130 илјади евра е Акционерско друштво за производство, преработка, трговија и монтажа на украсен камен МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ АД Прилеп, странска фирма која според остварените приходи во 2019 година е на 82 то место а според добивката во 2019 година во однос на 2018 година „паднала“ за едно место.

    Десеттото место е резервирано за фармацевтско хемиска козметичка индустрија, односно за АЛКАЛОИД АД Скопје со добивка во износ од 16 милиони и 400 илјади евра. Оваа компанија со домашен капитал се вбројува и во првите дваесет компании според висината на остварените приходи во 2019 година. Податоците покажуваат дека Алкалоид  лани во однос на 2018 година прикажала зголемена добивка,  со што за една година се искачила за четири позиции.

    Повеќе од 10 милиони евра добивка генерираат уште девет компании во земјава а нивните профити се движат од над 10  милиони евра до 16 милиони евра и тука спаѓаат фирми од различни сектори и бизниси, но и компании кои не котираат високо според остварените приходи. Така, добивка повисока од 10 милиони евра во 2019 година прикажале и Трговско друштво за пиво, слад, оцет, алкохолни и безалкохолни пијалаци ПИВАРА СКОПЈЕ АД Скопје, Друштво за производство, трговија и услуги БУЧИМ ДОО Радовиш, Акционерско Друштво за деловни менаџмент и други консултантски услуги КАМЕНИМОСТ КОМУНИКАЦИИ АД Скопје, МАКПЕТРОЛ Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, Друштво за производство, трговија и услуги ВАН ХООЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Илинден, Друштво за комуникациски услуги А1 МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, Друштво за трговија и услуги СУПОРТ & СОЛУШНС ЦЕНТАР МК ДООЕЛ Скопје и Трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО с.Возарци, Кавадарци.

    Сите овој компании доѓаат од различни сектори и дејности. „Таргет Груп“ во следното продолжение на анализите ќе ги рангира индустриите и дејностите кои се водечки според профитабилноста заедно со компаниите кои се регрутирани од тие сектори.

    Напомена: Во оваа анализа на листата ТОП 100 најсупешни компании додадени се и податоците за фирмите кои се во државна сопственост. Листата ТОП компании без државните фирми може да ја погледнете на следиот линк. 

    Анализа на податоците:  Таргет Груп

    Изработил А.Д

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично