ПОВЕЌЕ

    „ПАРИ“ ОТКРИВА: КАКВИ ДОБИВКИ „ЗАМЕСИЛЕ“ СИЛБО, Жито Лукс, Специјал, Диме…?

    Време зa читање: 3 минути

    Државниот завод за статистика излезе со податок дека лебот и житата заеднички постигнале раст на цена од 36,5 проценти во јули годинава во однос на истиот месец лани. Од Сојузот на синдикати пак, пресметаа дека цената на лебот,  се зголеми за повеќе од 100 проценти. Но, и без овие пресметки секој купувач си знае колку порано чинел лебот што тој си го пазарел, а колку е сега.

    Во продавниците, најчесто цените се околу 50 денари за пченичен леб од околу 500 грама. Производителите на леб велат дека трошоците им се огромни, а дури и најавуваат дека цената во иднина може да се зголеми со оглед на трендот на цените кај енергентите. Многу често, од страна на проиводителите го слушаме и апелот до Владата да се преземе нешто, за да не се затвораат капацитети.

    „ЖИТО ЛУКС“ ВО ЗАГУБА, ДРУГИТЕ ВО ДОБИВКА

    „Пари“ побара податоци од платформата БизнисМрежа.мк за најпознатите произбодители на леб и печива. Податоците кажуваат дека минатата година само „Жито Лукс“ ја завршил во загуба (287.000 евра), додека „Силбо“, „Специјал“, „Диме“ и „Жито леб Охрид“ оствариле добивка. Притоа, најголем добитник минатата година, меѓу комапниите што ги анализравме беше „Диме“ со профит од 400.000 евра, кој е повеќе од двојно од профитот остварен во 2020 година кога создал добивка од 180.000 евра. „Жито Скопје Силбо“ која е особено позната по своите пекари во Дебар Маало и во Аеродром лани имала профит од 289.000 евра и со тоа направила поголема добивка за околу 70.000 евра во однос на 2020 година. „Жито леб Охрид“ , пак лани успел да се извлече од лошата финансиска состојба во која западнал во 2020 година кога завршил со загуба од 276.000 евра и да направи добивка од 200.000 евра. Со добивка бил и „Специјал“, но со поскормен износ од другиве компании –лани профитирал со 67.000 евра и остварил раст на добивката од над 12 проценти во однос на 2020 година кога имал добивка од 57.000 евра.

    Финансиски резултати на 5 познати прозводители на леб и печива

    КомпанијаПриход 2021Приход 2021/2020Добивка 2021Добивка 2021/2020
    Диме5 милиони евра+21%400.000 евра+122,8%
    Жито Скопје Силбо2,6 милиони евра+12,9289.000 евра+30,1 %
    Жито Леб Охрид 6,9 милиони евра+9,4% 200.000 евра/
    Специјал4,2 милиони евра+ 30,3 %64.000 евра+12,2%
    Жито Лукс16,9 милиони евра-5,8%-287.000 евра/

    Очекувано, најголем промет прави „Жито Лукс“ и таму граѓаните оставиле 16,9 милиони евра, но овој промет, и покрај растот на цените бил помал отколку во 2020 година кога компанијата успеала да направи добивка од 78.600 евра.

    КАКО РАБОТЕЛЕ ПРЕД КРИЗАТА?

    Вкупниот промет на 5-те анализирани компании во 2021 година биле 35,6 милиони евра, а четирите компании со добивка, направиле вкупна добивка од 956.000 евра. Но, како работеле овие компании во предпандемиската 2019 година? Податоците покажуваат дека „Жито Лукс“ и тогаш работел со загуба, а дека минатогодишниот рекордер по добивка – „Диме“, тогаш имал многу помал профит. „Специјал“, Силбо“ и „Жито леб Охрид“, во 2019 година имале заначително поголеми добивки.

    Добивки пред кризата

    КомпанијаДобивка 2019
    Диме26.000 евра
    Жито Скопје Силбо490.000 евра
    Жито Леб Охрид395.000 евра
    Специјал138.000 евра
    Жито Лукс-160.000 евра

    Вкупната добивка на четирите компании што работеле со добивка во 2019 година е нешто над 1 милион евра.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање на хиперлинк до содржината што се цитира.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично