ПОВЕЌЕ

    „Пари“ анализира колку реално вреди просечната нето-плата од 31.704 денари

    Време зa читање: 3 минути

    Просечната нето-плата во мај достигна 31.407 денари, но овој просек за најголем дел од граѓаните остана далечен. Доволно е да споменеме дека минималната плата примаат 80.000 работници, а дека официјално вработени, со платени придонеси има околу 600.000. Ова значи дека над 13 проценти од сите вработени се на минималец. Колку луѓе земаат просечна плата и колку е медијалната плата, Државниот завод за статистика не пресметува. Ако ги прашате економските аналитичари, ќе ви кажат дека медијалната плата е многу пореална од просечната-нето плата, затоа што таа ја претставува онаа вредност на средина кога би се наредиле сите плати од најмалата до најголемата. Некои земји, како на пример Србија, прават такви пресметки. Но, не и Македонија.

    Од друга страна, кога стигнавме до просекот од 31.407 денари, растот го изеде инфлацијата. Статистиката пресмета дека растот на просечната нето-плата во мај годинава во однос на мај минатата година изнесувал 9,4 проценти, но дека реално нето-плата се намалила за 2,3 %. На прашањето: Како?, одговорот е едноставен – во овој случај Државниот завод за статистика ја вградува инфлацијата, а според податоците јунската инфлација на годишно ниво е дури 14,5 %. Затоа не е ни чудо што за јуни Сојузот на синдикати пресмета дека минималната синдикална кошница за преживување на едно четиричлено семејство е  39.710 денари и истата е зголемена за 5.498 денари во однос на јуни 2021 година. Државниот завод за статистика се уште не излезе со податоци за јунската просечна нето-плата. Во мај пак, кога просечната нето-плата достигнала 31.407 денари, а синдикалната кошница изнесувала 38.791 денар.

    Порталот „Пари“ направи анализа за 5 години наназад колкав дел од синдикалната кошница се покривала со една просечна нето-плата. Податоците покажуваат дека со една просечна нето-плата никогаш не се покривале трошоците од синдикалната кошница, што значи дека ако има само еден вработен во едно четиричлено семејство, дури и тоа да има сопствен стан, односно да не плаќа кирија и да нема возило, затоа што тоа не е земено во предвид во синдикалната кошница, семјството не може ниту минимум да се прехрани, ниту пак да одржува неопходна хигена со најевтините средства земени во пресметката на синдикалната кошница.

    Нето-просечна плата и синдикална кошница во последните 5 години во мај

    |во денари|

    Година (мај) Просечна нето-платаМинимална синдикална кошницаРазлика
    202231.40738.791-7.384
    2021 28.72134.156 - 5.436
    2020 26.390 33.315 - 6.925
    2019 25.27033.086 -7.816
    201824.50932.688- 8.179

    Извор: Сојуз на синдикати и Државен завод за статистика

    Податоците ја отсликуваат реалноста на пазарот на труд, мерките на Владата и инфлаторните движења. 2019-та година ја завршивме со стапка на невработеност од 19,4 проценти, додека последните податоци на Државниот завд за статистика покажуваат дека во првиот квартал од 2022 година, стапката на невработеност била значително помала, односно 14,8 %. Низ годините наназад се презедоа разни мерки, со државни стимули да се зголемат платите, а истовремено имавме ниска инфлација. Како резултат на тоа имавме намалување на јазот меѓу просечната нето-плата и минималната синдикална кошница. За жал, тој тренд е прекинат и податоците говорат дека во мај годинава, разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница е 7.384 денари, односно толку пари недостигаат за да може минимум нормално да живеее едно четиричлено семејство со просечна плата, ако има само еден вработен.  Лани, таа разлика изнесувала многу помалку и била 5.436 денари.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично