ПОВЕЌЕ

    Оштетени штедачи: Фирмата на вујкото на поранешниот директор на Еуростандард должи 1,2 милиони евра за кредит

    Време зa читање: 4 минути

    АТВ Зеус е една од најголемите фирми должници на Еуростандард банка, која според извештајот на стечајниот управник Душко Тодевски, должи повеќе од 1,2 милиони евра и нема платено ниту една рата, повеќе од една година дена. Формирана е со непаричен влог од 5.000 евра од вујкото на Николче Петкоски, поранешниот директор на Еуростандард банка. Има еден вработен и е со трговска дејност, објавива денеска оштетените штедачи од Еуростандард банка.

    Тие потсетуваат дека на дебатна емисија на ТВ24 во ноември лани, Петкоски јавно потврдил дека кредит од таков износ бил даван сукцесивно неколку минати години на оваа фирма врз основа на обична меница како единствено обезбедување. Тој јавно тврдел и дека парите од кредитот на фирмата се вратени 95 отсто од дадени позајмици кон други фирми кои пак сервисирале обврски во банката.

    – Оваа констатација на Николче Петкоски е, всушност, основата на криминалните активности во Еуростандард банка. Од увидот во билансите на фирмата, може да се утврди дека во последните неколку години таа генерирала годишна добивка од 5.000 евра до загуба од 24.000 евра. Фирмата има околу 70.000 евра годишен приход, додека нејзината задолженост во минатите пет години е во просек околу 98 отсто. Последните години фирмата има и негативен капитал како резултат на генерирана загуба, додека обврските на фирмата се над еден милион евра.

    Николче Петкоски доделил 1,2 милиони евра кредит на фирма на неговиот вујко која била и е презадолжена и која не била кредитоспособна да го отплаќа. Фирмата сѐ уште ја должи истата сума зголемена за достасаната камата. Како е можно да биде даден таков голем кредит на високоризична фирма со слаби финансиски показатели за ликвидност и успешност, фирма која воопшто не може да ги отплати ратите на кредитот од своето работење, а има дадено обична меница како единствено обезбедување?! Кој е мотивот и капацитетот на фирмата да дава позајмици на други фирми за да сервисираат нивни обврски кон Еуростандард банка, а за таа цел да „подигне“ ултра голем кредит којшто не може да го отплаќа – прашуваат зачудено оштетените штедачи.

    Тие прашуваат што има гувернерката Анита Ангеловска Бежоска да каже за овој случај од високоризичен кредит, кој е само еден од многуте такви кредити во банката дадени во неповрат.

    – Нели нејзината задача е да го оцени кредитниот ризик на пласманите преземени од банката, дали банката го прикажала соодветно овој ризик и како управувала со него? Како тоа гувернерката Бежоска ги гледала трансакциите од милиони евра од необезбедени високоризични кредити, масовно делени без никаква контрола и преземени соодветни мерки? Зошто гувернерката Бежоска не вовела административна управа уште пред неколку години за да ја спаси банката од неконтролираниот грабеж на нашите депозити и нејзина сигурна пропаст!? Зошто во 2018 година е потпишано решението со кое му се продолжила лиценцата за работа на Николче Петкоски? Наместо да му ја одземе лиценцата на овој измамник, гувернерката Бежоска дозволила тој и понатаму да работи во банката и да ги краде нашите депозити – велат штедачите од Еуростандард банка.

    Според нив, три главни групи го сочинуваат овој организиран криминал: раководството на банката составено од тројцата првотимци кои ги делеле ненаплатливите високоризични кредити, потоа сопствениците на фирмите кај кои завршувале парите или биле делени понатаму, и гувернерката Бежоска како предводник на Народна банка која го злоупотребила законот, гледала но молчела и дозволила да бидат измамени, излажани и покрадени во целост.

    – Ова е почеток на крајот на овој организиран криминал. Вистината и правдата се на наша страна и затоа сме убедени дека овие крадци и криминалци ќе бидат казнети и ставени во затвор, а нашите пари вратени во целост. Нема поголема мотивација од самата вистина и борба за правда. Продолжуваме понатаму – порачаа оштетените штедачи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично