ПОВЕЌЕ

    ОРМ: Третиот пакет мерки ќе влијае позитивно, владата да се консултира со бизнис заедницата

    Време зa читање: 2 минути

    Третиот пакет економски мерки на Владата за ублажување на штетите од корона кризата се очекува да има позитивно влијание врз стопанството. Тоа е првичната оценка на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

    „Конечниот став ќе можеме да го кажеме откако мерките ќе бидат преточени во Уредби со законска сила, затоа што понекогаш се предвидуваат некои критериуми кои преставуваат пречка за нивно користење, па така и добрите идеи на Владата добиваат лоша реализација. Затоа е неопходно пред конечно објавување на мерките, Владата да се консултира со бизнис заедницата и тие да се разгледаат од националниот економско-социјален совет“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

    Според него, со најавените нови 31 милион евра во форма на бескаматни кредити преку Развојната банка, би се овозможила поддршка и за оние фирми кои поради недостиг на средства не успеаја да добијат помош од првиот и од вториот пакет економски мерки.

    Според ОРМ, предвидената финансиска поддршка за граѓаните и за социјално ранливите групи преку платежни картички и ваучери ќе има позитивно влијание на домашната потрошувачка и на зголемувањето на продажбата на домашни производи и услуги.

    „Неопходно е при конечното дефинирање на овие мерки да се внимава тие да се однесуваат за купување на домашни производи или услуги, а не на увозни, затоа што доколку државата го стимулира купувањето на стоки од увоз, ќе го зголеми трговскиот дефицит, ќе се наруши платниот биланс и ќе се намали очекуваниот позитивен ефект врз домашната економија“, смета претседателот на ОРМ.

    ОРМ, како единствен репрезентативен член на работодавачите во националниот економско-социјален совет, уште од почетокот на кризата поднесува предлози за полесно надминување на последиците врз домашната економија. Активностите се поддржани од Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, финансиран од ЕУ, а кој го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично