ПОВЕЌЕ

    Од денеска со Нордвинд директен лет Санкт Петербург – Скопје, секој вторник

    Време зa читање: 4 минути

    ТАВ Македонија, попладнево, во 13:35 часот, го пречека првиот лет од аеродромот Пулково во Санкт Петербург на Меѓународниот Аеродром Скопје, на кој лета авиокомпанијата Нордвинд, со што се одбележа отворањето на оваа нова авиолинија.

    Од денес, 21-ви Септември 2021 година, Нордвинд ќе сообраќа од Санкт Петербург до Скопје, еднаш неделно, секој вторник, со време на пристигнување на Меѓународниот Аеродром Скопје – 13:35 часот и време на заминување кон Аеродромот Пулково во Санкт Петербург – 14:40 часот. Времетраењето на летот меѓу двата града е 3 часови и 25 минути.

    Според најавениот ред на летање на авиокомпанијата, овие времиња ќе важат до крајот на октомври, кога и завршува летната сезона. Од 2-ри ноември 2021 година, Нордвинд ќе сообраќа од Санкт Петербург до Скопје, секој вторник, со време на пристигнување на скопскиот аеродром – 15:45 часот и време на заминување кон Аеродромот Пулково – 16:45 часот.

    „Санкт Петербург е втората дестинација во Русија воведена од Нордвинд од Меѓународниот Аеродром Скопје, по воведувањето на авиолинијата Москва – Скопје во јуни оваа година. Оваа воздушна конекција до Санкт Петербург се воспоставува за прв пат во историјата на македонските аеродроми. Отсега, Скопје се поврзува со авиолинија со Санкт Петербург, благодарение на Нордвинд. Среќни сме за нивниот интерес да го развиваат сообраќајот меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација. Како ТАВ, искрено веруваме дека македонските патници ќе ја искористат можноста да го откријат историското и културното наследство на ова прекрасно пристаниште на Балтичкото Море, поранешната царска престолнина на Русија прекрасно опишана во руската литература. Во исто време, граѓаните на Санкт Петербург ќе имаат можност да пристигнат со авион до Скопје за само 3 часа и 25 минути и да уживаат во убавините на Македонија и соседниот регион”, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.

    Детални информации за резервации на авиобилети на веб-страницата на Нордвинд: https://nordwindairlines.ru/ru каде сите патници можат да користат дополнителни услуги за удобен лет, како што се избор на седиште во авионот, избор на оброк, дополнителен багаж, дополнително место во близина, како и други онлајн услуги.

    “Ние како Нордвинд eрлајнс сме горди што сме првата авиокомпанија која ги поврзува двата града со директен лет; главниот град на културата на Русија – Санкт Петербург и прекрасниот град Скопје. Почнуваме со летот секој вторник, или со еден лет неделно, со многу комфорен распоред. Како една од водечките авиокомпании во Русија со 8 милиони патници на годишно ниво и флота од 60 воздухоплови, Нордвинд ерлајнс им нуди на патниците не само можност за истражување на неверојатната историја, архитектура, природа, поставки, туку и на многу други атракции на Санкт Петербург. Исто така сакаме да им се заблагодариме на ТАВ Македонија за нивната ефикасна соработка и топлото добредојде. Уште еднаш, би сакале да ви се заблагодариме на сите вас што сте тука и да ви понудиме да го посетите нашиот прекрасен град, Санкт Петербург”, изјави Ибрахим Јилдиз, Директор за приходи на Нордвинд ерлајнс.

    Само пред 3,5 месеци, на 4-ти јуни 2021 година, Нордвинд Ерлајнс почна да сообраќа од Меѓународниот Аеродром Скопје до Меѓународниот Аеродром Шереметјево во Москва, воспоставувајќи нова редовна директна авиолинија меѓу двата главни града, по 20 годишна пауза.

    Нордвинд е една од најголемите авиокомпании во Русија според бројот на патници и ја има една од најразвиените мрежи на авиолинии во земјата. Базата на Нордвинд е Меѓународниот Аеродром Шереметјево во Москва. Со флексибилни авионски билети, погоден ред на летови и бонуси во програмите за лојалност, летовите со Нордвинд ќе бидат успешен почеток за патувања на бизнис-патниците, како и оние кои сакаат да уживаат во планираниот одмор.

    ТАВ Македонија ги заврши првите 8 месеци од 2021 година со вкупно 849 илјади патници на двата македонски аеродрома – Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува пад од 52% на годишно ниво споредено со периодот јануари – август 2019 година, и 48% пораст на годишно ниво споредено со истиот период, јануари – август 2020 година, кога аеродромите беа најтешко погодени од КОВИД-19 кризата.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично