ПОВЕЌЕ

    Од 47.705 тони амбалажен отпад во системот на „Пакомак“ рециклирани 57,7 проценти

    Време зa читање: 2 минути

    Kомпаниите-членки на „Пакомак“ минатата година пријавиле 47.705 тони амбалажен отпад. Рециклирани се 27.521 тон, односно 57,7 проценти. Ова се официјални бројки, кои ги прикажуваат резултатите на Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување постигнати во насока на организирана заштита на животната средина. Притоа, националните цели за 2022 година се и исполнети и надминати.

    Покрај редовните инвестициски активности во инфраструктурата за одложување отпад, лани била значајна инвестицијата во 30 нови повратни вендинг машини за амбалажен отпад, како начин за дополнителна стимулација на населението за селектирање пластични шишиња и лименки, информираат од „Пакомак“. Освен тоа, повторно е организиран конкурсот „Trash for Art“ кој ја поттикнува креативноста и покажува дека амбалажниот отпад може да има и друга намена. Заедно со партнери се организираше фестивалот Sound of Green, на кој беа собрани речиси четири контејнери пластични шишиња и лименки, или над 4.000 парчиња амбалажен отпад, кој гостите го носеле како влезница.

    Исто така, од Друштвото посочуваат дека 1.500 угостителски објекти го селектираат стаклениот отпад преку нивниот систем. Извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски, истакна дека продолжуваат да инвестираат и во комунална инфраструктура, бидејќи во некои општини се уште недостигаат контејнери за комунален отпад, а нема ни контејнери за селективно собирање.

    Целта е натамошна соработка со локалните самоуправи и да се овозможи на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија, лименки и стакло, но и да се обезбедат специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат. Дополнително ќе се поставуваат и нови вендинг машини. Во сето ова важен фактор се граѓаните, односно нивната свесност за важноста да се селектира отпадот. Воедно, и комуналните претпријатија како единствени овластени собирачи на селектираниот отпад мора да бидат многу поефикасни и редовно да ги празнат контејнерите, смета Ивановски и порачува дека на селекцијата и рециклирањето амбалажен отпад треба да се работи континуирано.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично