ПОВЕЌЕ

    НОМАГАС, НОВ ОПЕРАТОР ЗА ПРЕНОС НА ПРИРОДЕН ГАС: Годинава нови делници и интерконекциски водови

    Време зa читање: 2 минути

    Акционерското друштво Номагас е нова компанија во државна сопственост, односно е оператор за пренос на природен гас на целата територија на државата. Претставува спој на НЕР и на А.Д. Гама, што значи дека државното претпријатие за изградба на гасификацијата, како и она за пренос на природен гас, од претпоследниот ден на минатата година повеќе не постојат како одделни единици.

    „Во согласност со Законот за енергетика, од 30.12.2022 двете акционерски друштва А.Д. Национални Енергетски Ресурси и А.Д. Гама, двете 100 насто во државна сопственост, се споија во новоформираната А.Д. Номагас. А.Д. Номагас е операторот за пренос на природен гас на целата територија на државата. Овој оператор ќе стопанисува и ќе оперира со целата преносна мрежа во државата вклучувајќи ги и интерконекциските водови кон соседните држави“, велат од Владата.

    Оттаму појаснуваат дека согласно планот на новоформираниот оператор, до крајот на оваа година треба да се пуштат во употреба новите делници до Гостивар и до Битола со преносната мрежа, со што ќе се покрие околу 70 проценти од вкупното население во државата. Во наредниот период, пак, ќе се изградат и интерконекциските водови до Грција, Србија, Косово и до Албанија.

    Целиот основачки влог во новото акционерско друштво изнесува 58.357.000 евра, односно се работи за 583.570 акции со номинална вредност од по сто евра.

    Како што не информираа од владината прес служба, со ова акционерско друштво раководи борд на директори, а како извршен член на бордот е назначен Бајрам Реџепи, досегашниот директор на НЕР.

    За потсетување, Национални енергетски ресурси беше задолжено за реализација на гасоводниот систем, а ГА-МА, кое неодамна државата го целосно го откупи од „Макпетрол“, за пренос на природен гас.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично