ПОВЕЌЕ

    НАД 80.000 ЛУЃЕ ЗАРАБОТУВААТ БЕЗ ДА БИДАТ ВО РЕДОВЕН РАБОТЕН однос

    Време зa читање: 4 минути

    АНАЛИЗА: Каков е капацитетот на неформалната економија?

    Според Анкетата на работна сила за четвртиот квартал од 2023 година во неформалната економија има 80.654 луѓе. Овие луѓе заработуваат без да бидат редовно вработени со платени придонеси и данок на личен доход, а бројката е извлечена од статистички репрезентативен примерок. Според податоците од УЈП, врз кои порталот „Пари“ ја направи оваа анализа, на крајот од минатата година имало околу 551.000 вработени со платени придонеси. Така, оние во неформалниот сектор претставуваат дури 14,6 % од оние кои се во формалната економија!

    Од податоците загрижува тоа што од 80.654 неформално вработени дури 32.443 се некаде вработени, но без придонеси. Вработени за сопствена сметка, но без да плаќаат данок и придонеси се 28.395 работници, а неплатени семејни работници има 18.869.

    Неформално вработени во четвртиот квартал од 2023 година

    РЕЧИСИ ПОЛОВИНА ОД НЕФОРМАЛНО ВРАБОТЕНИТЕ СЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО

    Очекувано, меѓу неформално вработените најмногу се во секторот земјоделство. Таму има 36.703 луѓе, или 45,5 насто од сите неформално вработени. Притоа, околу 5.000 се во групата вработен кај некого, додека 14.297 се вработени за сопствена сметка, а 16.898 се неплатен семеен работник.

    Втора дејност по неформални работници е градежништвото, кое „собрало“ 16.361 работник, од кои дури 10.912 работат кај некого но без платени придонеси, така што пензискиот стаж не им тече. Вработени за своја сметка има 5.549.

    Во дејноста трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли има 7.600 неформално вработени работници, од кои за газди работат 3.454, а за себе 2.566.

    Во хотели и угостителски дејности има 3.727 неформално вработени работници. Од нив 3.339 се кај газди, а помал дел работат самостојно.

    Во транспорт и складирање има 3.004 неформално вработени работници, од кои 1.682 функционираат како и редовно вработените, но се без пензиски стаж.

    Во административни и помошни услужни дејности има 2.877 неформално вработени работници, потоа е дејноста снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, со 1.769 неформално вработени работници, па други услужни дејности, со 1.705 неформално вработени работници. Според Анкетата на работна сила, во образование, финансии, ИТ, технички дејности, јавна управа и дејности поврзани со недвижен имот нема неформално вработени работници.

    ТОП 5 дејности со неформално вработени работници во четвртиот квартал од 2023 година

    КАКО БЕШЕ ПОРАНО?

    Од 2023 година има нов начин на анкетирање и правење на Анкетата на работна сила, па не можеме да ја споредиме минатата година со случувањата во претходните години. Но, Пари го анализираше трендот од 2019 година до крајот на 2022 година за да се види што се случувало со неформалниот сектор. Според податоците, во четвртиот квартал од 2019 година имало 104.975 неформално вработени работници, а во четвртиот квартал од 2022 година бројот на неформално вработени бил 87.272.

    Зошто се намалил бројот на неформално вработените за дури 17.703 луѓе? Одговорот веројатно на сите им е јасен. Со одминувањето на ковид-пандемијата, од една страна јакнеше домашната побарувачка на работници, а од друга страна со уште поголем тренд продолжи трајното или сезонско иселување на работната сила.

    Неформално вработени во четвртиот квартал

    Статистика објасни зошто податоците од 2023 година се неспоредливи со претходните:

    „Примената на новата регулатива предизвика промени во истражувањето, почнувајќи со промени во дизајнот на прашалникот, промена во редоследот на прашањата, промени и отстранување на постојните и додавање нови прашања, промени во опфатот и дефиницијата за вработеност и невработеност. Споменатите промени предизвикаа прекин на временските серии на податоци. Планирано е да се пресметаат ревидирани серии на основните показатели за вработеноста и невработеноста за периодот од првиот квартал од 2009 година до четвртиот квартал од 2022 година за да се овозможи споредливост на податоците“, соопшти Државниот завод за статистика.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично