
Набавната цена се намалува, но потрошувачот на каса и натаму плаќа исто. Токму ова несовпаѓање, утврдено во дел од контролите на пазарните инспектори, денес ќе биде една од главните теми на состанокот меѓу претставниците на Владата, производителите и дистрибутерите на храна.
На заедничката маса ќе се разгледува целиот пат на производите – од цената по која се набавуваат, преку трошоците и маржите во синџирот, до конечната сума што граѓаните ја гледаат на полиците во маркетите.
Средбата следува по две контроли спроведени од Државниот пазарен инспекторат. Наодите покажале дека цените на храната во моментов се релативно стабилни, но и дека во одредени периоди движењето на продажните цени не го следело во целост движењето на набавните.
Во некои случаи, цените во малопродажбата растеле побрзо од цените по кои производите биле набавувани, што било проследено со зголемување на бруто профитните маржи. Инспекторите констатирале и периоди во кои набавните цени биле намалени, додека крајните цени за потрошувачите останале непроменети.
Практично, поевтината набавка не секогаш стигнувала и до купувачот.
Токму затоа денешниот состанок треба да даде појасна слика за тоа каде, во целиот синџир, се создава најголемата разлика меѓу набавната и продажната цена.
Во формирањето на крајната цена влегуваат повеќе фактори – производствените трошоци, транспортот, складирањето, платите, енергијата, даночните обврски и трговските маржи. Сепак, наодите од контролите го отвораат прашањето дали секое зголемување на цените било оправдано со реален раст на трошоците.
За граѓаните, дилемата е многу поедноставна: ако производот е набавен по пониска цена, зошто тоа намалување не се чувствува и на каса?
Од Министерството за економија и труд посочуваат дека на средбата ќе се разговара за сите фази во формирањето на цените.
„На состанокот ќе разговараме за целиот синџир на набавка, од набавните цени до крајната цена за потрошувачите. Очекуваме апелот на Министерството за економија да биде слушнат и во иднина да нема вакви отстапки“, информираат од Министерството.
Од Министерството и денес повторија дека во услови на глобална економска неизвесност очекуваат компаниите да покажат поголема општествена одговорност.
Сепак, останува отворено прашањето дали разговорите ќе завршат само со апел до компаниите или ќе произлезат поконкретни заклучоци за поголема транспарентност и редовно следење на цените и профитните маржи.
Во изминатиот период државата применуваше различни механизми за ублажување на ценовните притисоци, меѓу кои ограничување на маржите, замрзнување на дел од цените и засилени инспекциски контроли. Дел од овие мерки имаа ограничено времетраење, поради што вниманието повторно се насочува кон однесувањето на компаниите и начинот на кој ги формираат цените.
Денешниот состанок доаѓа во момент кога официјалните оценки упатуваат на стабилизирање на цените, но потрошувачите и натаму чувствуваат силен притисок врз домашните буџети. Храната останува една од најчувствителните ставки, бидејќи и малите поскапувања, кога се повторуваат кај повеќе основни производи, значително ја зголемуваат месечната сметка.
На средбата се очекува да бидат разгледани факторите што влијаат врз цените во секоја фаза – од производството и увозот, преку дистрибуцијата, до малопродажбата.
Целта, според најавите, е да се обезбеди поголема транспарентност и да се спречат ситуации во кои продажните цени растат побрзо од набавните или остануваат непроменети и покрај намалените трошоци за набавка.
Сепак, вистинскиот резултат од состанокот нема да се мери според бројот на дадени изјави и испратени апели, туку според тоа дали евентуалното намалување на набавните цени навистина ќе се преслика и на полиците.
За потрошувачите, најважното прашање останува исто: кога трошоците се намалуваат, дали и колку брзо ќе се намали конечната цена што тие ја плаќаат?
Аналитика








