„За плата се бориме, не се молиме“ е мотото на протест што Сојузот на синдикатите го организира за 1 Мај. Од ССМ повикуваат на масовност, при што работниците гласно ќе ги истакнат барањата за повисоки плати и за подобри работни услови. Осмиот и веќе традиционален првомајски работнички протест ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом во Скопје.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија нагласуваат дека борбата за работничките права е континуиран процес, а Меѓународниот ден на трудот е симболичен момент кога солидарноста треба да се покаже на дело. Посебен акцент се става на поддршката за работниците со најниски примања, со порака дека денешната борба е инвестиција во подобра иднина за сите.
„Работничката борба не е само еден протест, еден штрајк, една блокада, тоа е континуирана борба на работниците и синдикатите за зачувување и унапредување на работничките права.
Први мај, Меѓународниот ден на трудот е денот кога протестите и демонстрациите се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон работничката борба во иднина“, се наведува во повикот упатен до работниците.
На протестот се очекува учество на повеќе гранкови синдикати од различни сектори, меѓу кои и на тие кои веќе договорија зголемување на платите. Во објавата се наведени: Синдикат на УПОЗ; Синдикат за градежништво; Независен синдикат за образование и наука; Синдикат на културата; Синдикат на работниците од трговијата; Синдикат на медиумски информативни агенции; Македонски полициски синдикат; СИЕР Македонија; Агро-синдикат; Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита; Синдикатот на хемија, неметали и метали; Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија; Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва; Синдикатот на работниците од сообраќај и врски; Синдикатот на поштенските и телекомуникациските работници; Синдикатот на финансиските дејности; Синдикат за слободно дејствување; Синдикат на поштенски и телекомуникациски оператори.
Аналитика








